ОБВРСКАТА ЗА ГРЕЕЊЕ СЀ УШТЕ Е НА БЕГ „Адора инженеринг“ не е вклучена во производството и испораката на топлина
До овој момент БЕГ нема партнерски однос за топланите со „Адора инженеринг“, иако законот е дециден дека купувањето на имот во стечај наметнува нови партнерски договори со новиот сопственик, велат од „Адора инженеринг“.
„Адора инженеринг ДООЕЛ Скопје“ на никаков начин не е вклучена во оперирањето со производството и испораката на топлинска енергија во Скопје и нема никакво влијание и контрола врз нејзиниот квалитет.
„По реакциите на граѓаните за квалитетот при испораката на топлинска енергија во Скопје, сакаме да ја информираме јавноста дека ‘Адора инженеринг’ нема никакви ингеренции и улога во производството и испораката на топлинска енергија, а со тоа и во настанатата ситуација. Впрочем, иако ‘Адора инженеринг’ на јавна лицитација ги купи топланите Исток и Запад, во моментов лиценциран производител на топлинска енергија во главниот град е Производство на топлина – Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје (БЕГ)“, соопшти „Адора инженеринг“.
Оттаму додаваат дека Групацијата „БЕГ АД Скопје“ ги оперира и е одговорна за квалитетно производство и испорака на топлинска енергија во Скопје. Лиценцирани компании кои го снабдуваат градот со топлинска енергија се компаниите од групацијата „БЕГ АД Скопје“, која е единствен правен субјект кој го менаџира производството, дистрибуцијата и снабдувањето со топлинска енергија во главниот град.
„Сакаме да потенцираме дека во овој момент, ‘Адора инженеринг’ и БЕГ немаат воспоставено никаков партнерски однос. ‘Адора инженеринг’ во септември 2021 година ги купи од ‘Топлификација АД во стечај’“, топланите Исток и Запад и основните средства за производство на топлинска енергија. До денешен ден, овие основни средства не се предадени на ‘Адора инженеринг’ и со нив управува ‘Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ’, фирма ќерка на групација БЕГ АД Скопје“, соопшти „Адора инженеринг“.
Од компанијата додаваат дека до овој момент БЕГ нема партнерски однос за топланите со „Адора инженеринг“, иако законот е дециден дека купувањето на имот во стечај наметнува нови партнерски договори со новиот сопственик, „Адора инженеринг“.
Производството на топлинска енергија е регулирана дејност за јавно добро на граѓаните, каде што еден од основните услови за добивање лиценца за производство на топлинска енергија е да си сопственик на топланите и основните средства за производство на топлинска енергија или да имаш договор за нивен закуп.
„Адора инженеринг“ од институциите на државата очекува правна заштита во насока на разрешување на моменталните и идни партнерски односи со корисникот на топланите и компетентните институции на државата, под чија надлежност е оваа регулирана дејност, при тоа почитувајќи ги сите законски прописи со што ќе се овозможи заштита на вложениот домашен капитал, зачувување на јавниот интерес и подобрување на условите кон корисниците.
„Адора инженеринг“ се надева дека настанатата ситуација ќе има благовремена разрешница, а сè во интерес на јавното добро и на граѓаните.