Има механизми да ја принудиме власта да прифати брзи парламентарни избори, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, не прецизирајќи кои би можеле да бидат тие.
Мицкоски во емисијата „Патот кон…“ на телевизија Алсат-М изјави дека оние кои велат дека изборите ќе бидат регуларни во 2024 година, ќе се уверат дека ќе има избори напролет.
– Потребни се брзи предвремени парламентарни избори и сега како што е состојбата нема да има за македонските граѓани ништо што е ново и креативно, така што колку подолго оваа власт останува таму каде што е би рекол некредибилна, толку повеќе ќе губат македонските граѓани и тука нема етничка припадност, ќе губат Македонци, Албанци, Турци, Срби и Власи и Роми и Бошњаци, буквално сите – истакна вечерва Мицкоски.
По неуспехот на иницијативата за уривање на Владата, Мицкоски вели дека има постојана комуникација со Алијансата за Албанците и со нејзиниот лидер Зијадин Села, но и со претседателот на Алтернатива Африм Гаши, чии неодамнешни постапки, оценува тој, изградиле бариера меѓу нив.
Тој порача дека системот е гнил и тоа е поради власта, а мора да се има луѓе кои ќе го менаџираат и ќе ги менаџираат вработените во системот, а потребни се луѓе кои ќе воведат дисциплина и кои ќе знаат да работат за да може системот за испорача резултати.
– Овие луѓе коишто се сега во власта, односно оваа коалиција СДСМ-ДУИ која речиси четири и пол половина години работи буквално на разнебитување и урнисување на системот, системот денеска е нефункционален, а последиците од таков трул систем ги гледаме секојдневно, така беше со трагедијата во Ласкарци, тогаш беше една друга транспортна компанија која превезува патници, така беше и со модуларната болница, целосно отсуство на одговорност, каде само продолжен кабел беше одговорен за таа несреќа, така и сега на експресниот пат Струма каде иако 45 луѓе го загубија животот повторно нема никаква одговорност, ниту морална, ниту било каква друга, тоа е она коешто недостасува кај оваа коалиција на власт – критикуваше Мицкоски во Алсат телевизија.
Мицкоски наскоро ќе поднесе кандидатура за претседател на ВМРО-ДПМНЕ за уште еден мандат, а засега нема противници.