ТЕЦ НЕГОТИНО НЕМА ДА ПРОРАБОТИ НИ ВО ЈАНУАРИ Проблематична е набавката на мазут

Распишан е јавен оглас за набавка на мазут и се очекуваат понудите. По набавката и доставата на мазутот, и ТЕЦ Неготино ќе се вклучи во производство, велат од Владата.

2,482

Не се знае кога ќе проработи ТЕЦ Неготино, бидејќи сè уште не се обезбедени потребните количини мазут за нејзино стартување. Компаниите кои увезуваат мазут до вчера требаше да достават понуди на јавниот повик распишан од ЕСМ, но сè уште нема информација дали има понуди за обезбедување на бараните количини мазут. Со оглед на должината на траење на тендерските постапки, може да се очекува ТЕЦ Неготино да биде вклучена најрано во втората половина на јануари следната година, велат познавачи на состојбата.

Моментално на располагање на термоелектраната се 17.000 тони мазут кои се од државните резерви и се доволни за 2 недели работа, бидејќи дневно централата може да преработи 1.000 до 1800 тони мазут под услов да се активираат двата блока.






Од владата информираат дека по завршување на постапката за набавка на мазут ТЕЦ Неготино ќе се вклучи во производство.

– Распишан е јавен оглас за набавка на мазут и се очекуваат понудите. По набавката и доставата на мазутот, и ТЕЦ Неготино ќе се вклучи во производство – одговорија кусо од Владата.

Од ЕСМ, пак, само информираа дека постапката за набавка на мазут не е завршена.

На тендер ЕСМ бара набавка на мазут за трите термоелектрани во земјава: Осломеј, Битола и Неготино, што дополнително ја усложнува набавката бидејќи и количините се големи.

Првиот човек на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ за телевизија 24 изјави дека комбинатот е редовно одржуван и веднаш штом се набави мазут може да почне со работа.

Експертите велат дека досега требало да биде обезбеден мазутот, со оглед дека неколку месеци се зборува дека термоелектраната ќе се активира од декември. Тие не веруваат дека ТЕЦ Неготино ќе проработи пред втората половина на јануари.

– Со оглед дека подолг период се најавува активирање нa ТЕЦ Неготино досега требаше да биде набавен мазутот, но сега може да се има тешкотии околу набавката бидејќи се бараат големи количини. Само за оваа термоелектрана дневно се потребни меѓу 1.000 и 1800 тони мазут ако работат двата блока. На пазарот сега има голема побарувачка и на овој енергенс, па тешко дека ќе се обезбедат во краток период. Ако се оди со редовна тендерска постапка, потребни се најмалку 45 дена, а тоа е период кој не ветува дека ТЕЦ Неготино ќе добие мазут во декември. Меѓутоа, ако се оди со брзи постапки во кои не се запазуваат процедурите тогаш може да се очекува мазут и порано – вели Спиро Мавровски поранешен директор за производство во РЕК Битола,

Тој не очекува стартување на ТЕЦ Неготино во декември, но вели втората половина на јануари би можело да се стартува, под услов да се обезбеди мазут.

-Ако сега не се обезбедат потребните количини во јануари, односно во периодот на пораст на енергетската криза и зголемена побарувачка на струја, многу тешко ќе се направи набавка. Таква е и набавката со јаглен за термоелктраните во Осломеј и Битола. Со оглед дека нема доволно информации околу овие набавки, тешко дека до централите доаѓа јагленот – додава Мавровски.

Професорот Антон Чаушевски вели дека за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино има добри технички можности иако се доцни со тендерот.

– За работа во текот на зимскиот период од околу 4 месеци како се планира, потребни би биле околу 100.000 илјади тони мазут. Истите би се набавувале континуирано преку железница од околу 1.000 тони на ден, што секако е транспортно изводливо и економски поприфатливо во споредба со набавка на потребните количини на јаглен за другите термоцентрали во Битола и Осломеј – вели Чаушевски.

Активирањето на ТЕЦ Неготино, вели тој, значи подобрување на енергетската ситуација во Македонија и помала зависност од увозната електрична енергија со висока непредвидлива цена.

– Од економски аспект, производната цена од ТЕЦ Неготино со набавка на мазут значи производна цена од околу 170 евра по мегават час произведена електрична енергија, наспроти увозната електрична енергија која денес чини и над 250 евра по мегават час. Од технички аспект, активирањето на домашен капацитет, поготово на ТЕЦ Неготино ќе значи подобрување на приликите како и квалитетот на електрична енергија, во споредба со увозна импортирана електрична енергија. Трета предност на активирање на овој капацитет е тоа што се наоѓа и географски и енергетски во централниот јазол на електроенергетскиот систем на Македонија каде се вкрстуваат главните 400 киловолтни далноводни линии, што значи зголемена доверливост во снабдувањето со електрична енергија – додава тој.

Владата најави дека ќе ја искористи енергетската „ладна резерва“ ТЕЦ Неготино за да го намали ударот од енергетската криза. Планирано е термоелектраната да работи до април следната година.

ТЕЦ Неготино е втор најголем енергетски капацитет во земјава по РЕК Битола. Изградена е во 1987 година кога е и првпат синхронизирана во електро енергетскиот систем на тогашното ЕСМ.

Термоелектраната има производствена моќност од 195 мегавати и максимална моќност од 210 мегавати

Годишниот капацитет на термоелектраната изнесува 1.200 гигават часови произведена електрична енергија при работа од 7.000 погонски часови. За ова производство се потребни околу 300.000 тони мазут.

Поврзани содржини