БРЗИ ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ ЗА ИЗЛЕЗ ОД КРИЗАТА Пратениците од опозицијата си заминаа од Собранието
Погазена е демократијата, беше киднапиран пратеник. За тоа ќе има одговорност - рече Николовски, додавајќи дека СДСМ и коалицијата се обидуваат по секоја цена да останат на власт.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Александар Николоски вечерва од пред Собранието порача дека излезот од политичката криза се брзи предвремени избори.
Николоски во име на целата коалиција изјави дека ова е единственото решение во моментот.
– Погазена е демократијата, беше киднапиран пратеник. За тоа ќе има одговорност – рече Николоски, додавајќи дека СДСМ и коалицијата се обидуваат по секоја цена да останат на власт.
Во изјавата за медиумите, Николоски рече дека сите пратеници од опозицијата вечерва заминуваат од Собранието.
Николоски одговарајќи на прашање за тоа дали ВМРО-ДПМНЕ би се согласило да присуствува на лидерска средба за решавање на новонастанатата ситуација, рече дека партијата ќе направи тоа што е потребно за да се стигне до предвремени избори кои би значеле решавање на настанатата криза.
– Сѐ што е потребно за да стигнеме до предвремени избори, иако денеска претседателот на државата потфрли во сопствената улога. Претседателот на државата често вака знае да дава коментари за што треба и што не треба, ама во ден во кој што еден пратеник еве мистично исчезна, да му олеснам на Пендаровски да не мора да користи други зборови, да го нема да гукне ни „А“, ни „Б“ во однос на состојбата, многу кажува дека е седнат во некој скут. Вчера даваше глупи изјави од типот дека светските лидери не спијат за Зоран Заев да остане премиер, а денеска го нема „А“ да каже за ова што се случува во македонското Собрание. Заврши и тој како претседател, ќе си го види крајот во 2024 година – истакна Николоски.
Во однос на информациите за киднапирање на пратеникот Кастриот Реџепи изјави дека неговата пратеничка група пријавила во полиција и очекува МВР да се произнесе.
– Очекуваме полицијата да се произнесе, но не сме сигурни во она што го кажуваше пратеникот, многу е сомнително доколку навистина пратеникот имаше став дека владата треба да остане, ќе беше најлогично да дојде во Собранието и да гласа за владата да остане. Пратениците може да гласаат владата да си оди или владата да остане, но да се крие цел ден, да не може никој од неговото семејство да го добие, да му бидат исклучени телефоните, па мистично да се појави статус на фејсбук, па откако целата држава почна да зборува мистично да се појави некое видео каде што позади има бел ѕид, човекот е блед и изгледа како што изгледа, видовте сите, е сѐ само не демократија – нагласи Николоски.