ШТО ЗНАЕМЕ ЗА ДЕЦАТА РОДЕНИ МЕЃУ 2010 И 2025 ГОДИНА? Генерацијата „Алфа“ се деца на милениумците, внуци на бумерите

Алфа-децата ќе бидат хиперфлексибилни и одраснати со технологија, но можат да имаат потешкотии во реалниот свет, во справувањето со луѓето, во градењето пријателства...сепак, уште малку се знае за оваа генерација, бидејќи неа ја опфаќаат децата родени меѓу 2010 и 2025 година.

317

Децата родени меѓу 2010 и 2025 година, или накратко децата на Y-генерацијата милениумци, науката ги нарекува генерација Алфа, а освен што ќе бидат исклучително вешти во технологијата тие можат да имаат проблеми со склопување на пријателства и да се навикнат на реалниот, невиртуелен свет. Што предвидуваат научниците за новите Алфа-деца?

Ако Х-бумерите родени во 60-тите беа успешната генерација, Y-милениумците веќе градат семејства, а оние од генерацијата „Зет“ (Z), т.е. интернет-генерацијата, се доста самоуверени … Но, што знаеме за генерацијата „Алфа“, чии претставници се многу мали, а некои уште не се ни родени?






Хиперфлексибилни деца во реалниот свет

Генерацијата „Алфа“ е првата родена во 21 век. А, под знакот на дигиталните технологии, „Алфа“ децата речиси и не го познаваат „вистинскиот свет“. Тие се во контакт со паметните телефони и таблетите уште од мали нозе, па честопати и интуитивно се справуваат со овие уреди дури и пред да проговорат.

Или, како што вели истражувачот Симон Шнецер, за „Ди велт“ (Die Welt), афинитетот кон дигиталната технологија ќе биде најголемиот предизвик во справувањето со децата „Алфа“. Тие се „хиперфлексибилни“ и ќе им биде потешко да се приспособат на „невиртуелните“ временско-просторни односи, како на пример – во градинките или училиштата.

фото: твитер

Битно е да учат историја, а не само програмирање

Затоа, нивните воспитувачи и учители мора да им помогнат да се етаблираат во тој „нов свет“. И добро би било да се вклучат нови предмети во наставната програма, покрај Историја, како „Програмирање“ и „Безбедно ракување со социјалните мрежи“.

Има и други проблеми … Многу од овие деца паѓаат во дигиталниот простор уште и пред да се родат: преку фотографиите од бремената мајка или првиот збор изговорен на видео … Гордите родители ги објавуваат овие снимки на интернет, но еден ден тие може да бидат незгодни за децата …

Некои милениумци претерано се грижат за Алфа-децата

Со цел подобро да го проценат социјалното однесување на децата Алфа, истражувачите се сосредоточуваат на нивните родители, милениумците, како се однесуваат со своите деца, како растат?

Да се потсетиме, милениумците важат за малку дезориентирани, но и амбициозни и целосни перфекционисти. Тие се оние кои секогаш сакаат да направат сè како што треба, вклучително и кога станува збор за воспитувањето на децата. Сè ова води до тоа нивните Алфа-деца да бидат „претерано згрижени“ и поштедени од нештата со кои, обично, децата треба сами да се справат.

На Алфа децата ќе им биде тешко да склопуваат пријатели

Психологот Рудигер Мас за „Дојчландфанк“ објасни зошто ова претставува проблем.

– Откривме дека прекумерната грижа влијае на децата исто како и недоволната грижа. Но, денес првото е многу почеста појава. Децата на претерано внимателните родители не се понесреќни, но потешко се справуваат со меѓучовечките односи – како што се стекнување пријатели или контакт со странци – смета тој.

Способноста сами да се справат со конфликтите, да ги изразат своите мислења и да покажат имагинација во контактите со врсниците, исто така, може да им биде предизвик.

За Алфа-децата допрва ќе се зборува и пишува

Истражувањата покажуваат дека однесувањето во игрите, на децата од четири-петгодишна возраст, во 56 отсто од случаите не одговара на нивната возраст. За две-тригодишните и шест-седумгодишните, работите исто така, не се многу поинакви. И тие имаат проблеми со социјалното однесување.

Се разбира, од едно научно истражување не треба да се носат заклучоци за целата генерација, особено што ситуацијата во последната година и пол не беше нормална. Особено, децата без браќа и сестри, за време на пандемијата, воопшто немаа шанса да ги одржуваат оние важни односи со другите деца, забележува „Ди велт“.

– Во зависност од средината во којашто растат, тие стекнаа многу поинакво искуство, кое не може да се стави под заеднички именител – вели Шнецер.

Но, засега може само да погодуваме какво влијание ќе има ова врз нивниот социјален живот во иднина.

Поврзани содржини