СЕ ПЕЧЕ НОВА ЦЕНА НА ЛЕБОТ Поскапувањето на струјата може да стави клуч на вратите на мелниците и пекарите
Дел од мелниците веќе имаат најава од снабдувачите на струја дека нема да ги реализираат договорите бидејќи им се заканува банкрот поради разликата на договорената цена и цената за набавка на нови киловати струја.
Наскоро нè очекуваат нови повисоки цени на брашното и лебот. Мелничко-пекарската индустрија ќе мора да ја зголемат цената на производите за да можат да го преживеат шокот од високите цени на енергенсите и суровините, велат од нивното Здружение.
Дел од мелниците веќе имаат најава од снабдувачите на струја дека нема да ги реализираат договорите бидејќи им се заканува банкрот, поради разликата на договорената цена и цената за набавка на нови киловати струја. Новите договори кои ќе ги потпишат за месец до два ќе бидат на драстично повисоки цени на струјата.
Пекарниците, пак, иако ги зголемија цените на производите во изминатиот период, најавуваат ново поскапување како резултат на високите цени на струјата, нафтата и повисоките цени на брашното кое го обезбедуваат од домашниот и странскиот пазар.
– Новите договори за снабдување со струја кои ќе ги потпишат компаниите од овој сектор ќе бидат со драстично повисоки цени. Досега струјата се зголеми за 400 отсто. Тоа ќе влијае мелниците да ги зголемат цените на брашното за да можат да опстанат. Во Србија, од каде што најмногу се увезува брашно веќе е зголемена цената за 70 отсто. Сето тоа дополнително ќе ги зголеми трошоците на пекарниците и неминовно ќе биде да се зголеми цена на лебот и другите производи. Во спротивно ќе треба да ги затвориме мелниците и пекарниците – вели Горан Малишиќ од Здружението на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора.
Тој додава дека процентот на зголемување на цените на крајниот производ ќе зависи од компанија до компанија бидејќи и процентот на зголемување на трошоците е различен.
– Доколку не се случи зголемување на цената на крајните производи во мелничко-пекарската индустрија ќе има клуч на врата и отпуштање на работници. Во оваа индустрија, додава тој, вработени се над 10.000 вработени, но од неа живеат и 100.000 земјоделци кои го продаваат житото кај нас. Затоа секоја најава за замрзнување на цените на овие производи е одвишно и не треба да се планира – вели Малишиќ.
Тодор Ѓорѓиевски извршен директор на „Мелница Кадино“ вели дека веќе имаат најава од снабдувачот на струја дека нема да може да им испорача струја по договорената цена.
– Ако се случи да бидеме принудени да бараме нов снабдувач на струја тоа ќе значи и нова цена на струјата. Пресметките се дека, ако сега плаќаме 10.000 евра месечно за струја, во иднина со зголемување на цената од 800 отсто ќе треба да плаќаме по 80.000 евра. Тоа е огромна разлика и ако не ја компензираме со повисоки цени на нашите производи тогаш ќе банкротираме – вели Ѓорѓиевски.
Тој не прогнозира колкав ќе биде процентот на зголемување на цената на производите на мелницата, но и другите производи, меѓутоа, вели дека цената на струјата влегува со огромен дел во цената на производот бидејќи мелницата работи на струја.
Пекарите, пак, велат дека цената на брашното во последните два месеца е речиси двојно повисока од ланската и изнесува меѓу 18 и 25 денари за килограм. Во овој период се зголемија од 30 до 100 отсто и цените на другите суровини кои влегуваат во крајниот производ, но поскапе и транспортот поради нафтата и струјата со огромен процент. Поради сето тоа, велат тие, ќе мораат да ги зголемат цените на производите или ќе треба да отпуштаат работници и да затворат.