СТРУЕН УДАР ЗА БИЗНИСИТЕ И СО И БЕЗ РЕСТРИКЦИИ Можно е и затворање на фирми и отпуштање на работници

Бизнисмените предупредуваат при донесувањето на мерката рестрикција на струја да се направи анализа и да се соберат мислењата на стопанствениците од различни сектори за да не дојде до чести прекини на производството и можни хаварии на машините.

2,000

Компаниите ќе се соочат со големи штети ако владата се одлучи на рестрикции на електрична енергија поради недостиг од овој енергенс. Дополнително и повисоката цена на енергенсот ќе влијае на идните планови на компаниите кои најавуваат намалување на производството поради високите трошоци и можно отпуштање од работа на дел од работниците. Во некои сектори се предвидува и затворање на фирми.

– Како и да одлучи владата компаниите се во вонредна состојба – велат стопанствениците.






Тие предупредуваат при донесувањето на мерката рестрикција на струја да се направи анализа и да се соберат мислењата на стопанствениците од различни сектори за да не дојде до чести прекини на производството и можни хаварии на машините. Предлагаат и да се размисли за одредени мерки со кои би се помогнале компаниите како компензирање на загубите или субвенционирање на електричната енергија кај производната индустрија, за да не се доведат во ситуација компаниите да размислуваат за намалено производство или отпуштање на работници.

Маријана Перковска од Текстилниот кластер вели дека рестрикциите, но и зголемувањето на цената на струјата многу неповолно ќе се одразат на производните компании, како и на извозно ориентираните претпријатија. Затоа, вели, таа потребно е добро да се обмисли како ќе се изведуваат рестрикциите.

– Прво најважно е при донесување на мерката да се има предвид товарот на кризата да се распредели на сите чинители. Подеднакво да го понесат државата, работодавците и работниците, а не само да се остави на работодавците. Притоа многу е важно како ќе се прават рестрикциите дневно или во текот на неделата ќе се определат денови во кои одделни индустрии нема да имаат струја. На тој начин компаниите ќе имаат можност да го планираат производството и да ги организираат работниците – вели Перковска.

Според неа, за производните капацитети оптимален начин би биле рестрикции по денови за да немаат празни одови во процесот на работа и ангажирање на работниците.

– Сецкањето на работниот ден во индустријата ќе значи и празни одови, неработење на работниците, но и поголема можност за хаварии на машините. Ние во текстилот моментално имаме најмалку три падови на продуктивноста кај работниците во текот на денот: на почетокот на работниот ден, по двете паузи и пред крајот на работниот ден. Во услови кога би имало рестрикции од еден два или три часа продуктивноста би паднала дополнително. Згора на тоа, што ќе им правиме на работниците во периодот додека нема струја. Во тој период, ако се присутни ќе трошиме за загревање на просториите и за други пропратни работи. Затоа мислам најдобро е рестрикциите во производните капацитети да биде неделно во еден или два дена, односно различни денови за различни индустрии и со најава дека и неделите ќе бидат работни денови. Тогаш и нашите планови ќе се усогласат на тоа, а и работниците ќе бидат слободни – вели Пекоска.

Притоа, вели таа, треба да стане јасно дека во тие услови и законските обврски за исплата на плата за неработен ден да не важи, односно на работниците во тие денови да не им се пресметува плата.

– Не може за неработење да се исплаќа плата. Тоа работодавците нема да можат финансиски да го поднесат. Ситуацијата не ја предизвикале тие и треба товарот да го поднесат работниците но и државата која треба да размислува за субвенционирање на струјата во производните капацитети или во оние капацитети кои извезуваат – додава таа.

Дрилон Исени, извршен директор на Стопанската комора на северозападна Македонија исто така вели дека рестрикциите струја ќе бидат штетни за компаниите.

– Треба да се има предвид дека компаниите се усогласени на тековниот капацитет на работа, и секој фактор којшто влијае негативно врз нивниот капацитет, секако дека ќе им прави големи штети, а пример за тоа е ковид – 19 кризата, каде што поради намалувањето на капацитетите, земјата дојде до економска криза невидена од нејзиното постоење – вели Исени.

Исени додава дека евентуалното натамошно зголемување на цената на струјата дополнително ќе се одрази на цените на производите на компаниите. Поради високите трошоци за енергенсите.

– Нашите прогнози велат дека ќе има зголемување на цените на производите, а тоа го потврдуваат и информациите кои ги имаме од компаниите, кои велат дека се принудени да ги зголемат цените бидејќи има пораст на трошоците во сите области како транспортот, цените на суровините, на увозните производи итн. Ова значи дека првичното покачување доаѓа поради увозни причини, а допрва ќе следи ефектот на зголемувањето на енергенсите во нашата земја, каде оперативните трошоци на компаниите ќе мора да се пресметаат во целокупната стопанствена активност на истите.

Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавци вели дека пред да одлучи владата дали ќе набави многу скапа струја или ќе воведе рестрикции ќе треба добро да ги анализира последиците од двете можности.

– Воведувањето на рестрикции како и високата цена на струјата многу лошо ќе се одразат на работењето на компаниите. Верувам дека компаниите ќе имаат можност сето тоа да го искалкулираат и предвидат во плановите за наредната година во кои се надевам нема да има потреба да го вметнат намалувањето на производството или отпуштањето од работа. Посебно критично ќе биде кај микро и малите бизниси како и занаетчиството. И рестрикциите ќе значат шок за компаниите и нивно непланирано преорганизирање за да имаат помалку загуби – вели тој.

Конфедерацијата, додава тој, веќе побара од Министерството за економија и владата да ги помогнат микро, малите фирми и занаетчиите со тоа што ќе им се обезбедува струја од домашното производство по цена како и за домаќинствата.

Бошков вели дека владата и во двата случаи треба да размислува за компензирање на загубата предизвикана од рестрикциите и зголемената цена на струјата.

– Министрите од економските ресори и Владата мора да размислуваат како овој енергетски шок за стопанството да го помогнат. Во спротивно, ќе се соочиме со бран на затворање на фирми и отпуштање од работа. Па пресметките се кај институциите – вели Бошков.

Според него, огромни ќе бидат штетите кај компаниите од сите сектори, и поради отсутноста на системи за сопствено снабдување со струја и затоа им препорачува на компаниите да го обезбедат количеството на струја од сопствено производство со поставување фотоволтаици.

– Мал е бројот на компании кои го решија ова прашање и енергетски се осамостоија, но процесот треба да се забрза. Алармантно е и тоа што дел од компаниите немаат ниту агрегати за сопствено производство на енергија во случаи кога системот за снабдување потфрла – вели Бошков.

Поврзани содржини