НАМЕСТО КОЊИ И РАСПАДНАТИ ВОЗИЛА, ЕЛЕКТРИЧНИ ТРИЦИКЛИ Собирачите на отпад едвај чекаат да почнат со работа
Во зависност од заинтересираноста и подготвеноста на граѓаните да селектираат отпад, мрежата за сервисирање на станбени објекти на стартап компанијата РЕДИ Рециклажа ќе се зголеми, а со тоа и бројот на вработени т.е. формализирани собирачи на отпад за кои во првата фаза се предвидени 10 електрични трицикли, 1 камион за транспортирање на отпад и покривање на мрежа од 400 станбени објекти.
Што правите со вашиот пластичен отпад и со хартијата, особено ако живеете во индивидуален станбен објект? Ние ги собираме и еднаш неделно некој со автомобил ги носи до најблиските контејнери. Значи, ако живеете во близина на Топлификација во Тафталиџе 1 како ние, тогаш најблиску ви се контејнерите во Козле, кај Македонска куќа. Не е баш близу, нели? Особено ако не возите автомобил.
Затоа, многу често ја „красиме“ оградата со кеси полни со пластика и со душа ги чекаме собирачите да ги однесат. Многу често нема ни да ги видиме кога поминале и ги собрале сите пластики што ги нашле. До следната тура.
Токму затоа не израдува веста дека овие собирачи ќе бидат ставени во организиран систем, а освен тоа, наместо да поминуваат со мотори со приколки кои речиси што не се распаднале или дури со запрежни коли, наскоро ќе ги гледаме во електрични трицикли, безбедни за околината, за нив и за целосната слика на градот.
Имено, здружението „Иницијатива за Економски Развој на Ромите – РЕДИ Скопје“ согледувајќи ги секојдневните предизвици со кои се соочуваат неформалните собирачи на отпад, во 2019 година започнало иницијатива за олеснување на нивните предизвици и решавање на нивните проблеми.
Со оглед на комплексноста на проблематиката и поддршката од засегнатите страни иницијативата се развила во социјално претпријатие како нов механизам за решавање на долгорочните проблеми во заедницата.
Па така, во 2020.година е регистрирана старт ап компанијата РЕДИ Рециклажа ДООЕЛ, со бизнис модел на социјално претпријатие.
Нивната визијата е развивање на социјалното претпријатие во рециклажен центар кој ќе отвори можности за креирање на повеќе од 1.500 вработувања за Роми, собирачи на отпад притоа користејќи ја циркуларната економија за рециклирање на секундарните суровини.
„За успешно постигнување на нашата визија, го поделивме процесот на имплементација во III фази. Истите се сочинети од сет на активности и проекти кои придонесуваат кон развој на капацитетите на собирачите, зголемување на мрежата од станбени објекти и целокупен развој за социјалното претпријатие да биде самоодржливо“, вели извршниот директор Асиб Зекир кој истовремено е и еден од основачите на Здружението „Иницијатива за економски развој на Ромите – РЕДИ“.
Станува збор за мрежа од невладини организации кои градат екосистем во ромските заедници фокусирајќи се на економски развој и финансиска инклузија на Ромите во Западен Балкан и Европа. Од 2016. година РЕДИ е во постојан контакт со околу 2000 претприемачи во ромските заедници во Источна Европа и Балканот и моментално е активен во 4 земји (Романија, Бугарија, Србија и Македонија).
Разговаравме со господин Зекир за активностите и целите на компанијата и за интересот на неформалните собирачи на секундарен отпад да станат дел од оваа компанија и да ги формализираат своите активности.
Целиот текст прочитајте го на порталот „Арт кујна“.