Сонот за единство во МАНУ
Што тогаш се крие зад барањето на единство на конференцијата во МАНУ? Прво, верувам, искрена желба на учесниците во дебатата да ѝ помогнат на својата држава. Ама желбата не е доволна.
Повикот за единство, кој дојде од претседателот на МАНУ двајцата поранешни и сегашниот претседател, за изготвување на „нов фундаментален договор со широк национален и државен консензус“ поддржан од сите политички фактори на власт и во опозиција, кој ќе важи за сите сегашни и идни влади, е само сон за минати времиња. Сон за еднопартискиот систем кој треба да ја замени грдата реалност на триесетгодишното „уништување на државата“.
Триесетгодишно уништување на државата? Што се случи пред триесет години? Пред триесет години прогласивме демократија. Не ни се допаѓа нашето вистинско лице во огледалото на слободата? Нема да ви се допадне тоа што ве чека, ме предупреди западен дипломат во посета на Скопје на почетокот од деведесеттите. Долго верував дека мисли на капитализмот кој ќе го замени социјализмот посакуван од мнозинството на народот, но се покажа дека мислел и на демократија. Имено, со воведувањето демократија го загубивме единството на еднопартискиот систем зашто демократијата не значи единство туку токму спротивното – несогласување.
Никогаш и никаде демократијата не била систем кој произведува единство, туку систем кој дава легитимитет на несогласувањето и систем кој охрабрува нови контроверзи. Кога би можела да произведе единство демократијата би се поразила самата себеси зашто тоа, всушност, би значело премоќ на една партија врз останатите. Поинакво единство не е возможно во услови на партиски плурализам. Она што е потребно за една демократија е почитување на правото и организирање на слободни и фер избори. Единство на идеологии, погледи или наративи меѓу политички партии и меѓу гласачите е несвојствено за демократијата. Демократијата, всушност, треба да ги рефлектира во парламентот несогласувањата во едно општество. Тука, во парламентот, се усогласуваат тие несогласувања но не преку градење единство, туку преку градење коалиции меѓу партиите кои може да се согласат околу некои генерални нешта без да го загубат својот идентитет.
Во тој процес на соработка и градење коалиции важен елемент кој недостасува кај нас, е пристојноста (civility). Демократијата му дава моќ на спротиставувањето не на единството. Не може претседател или премиер, а понајмалку претседател на научна институција, да бара ниту да обезбеди единство. Може само да се погрижи да се почитува правото и да се организираат слободни и фер избори.
Што тогаш се крие зад барањето на единство на конференцијата во МАНУ? Прво, верувам, искрена желба на учесниците во дебатата да ѝ помогнат на својата држава. Ама желбата не е доволна. Со напад врз целокупниот развој на нашата слаба демократија и со убеденост дека сите идни проблеми ќе се решат ако се постигне единство околу некаков волшебен „национален и државен консенсус“ кој ќе важи за сите идни влади, не се решава проблемот. Зашто, тоа е невозможна мисија во една демократија, освен ако не се укине самата демократија. На пример, да се каже дека стратегијата на образованието и науката нема да ја прави Минисерството за образование и наука и да ја усвојува Собранието, туку МАНУ, е чекор кон укинување на демократијата.
Се случува, соочена со надворешната закана на земјата, и демократијата да стреми кон единство. Појавата на независна македонска држава во деведесеттите, Грција ја прогласи за опасност по националната безбедност, а партиите постигнаа единство. Од исти причини и бугарските партии лесно постигнаа единство во својот парламент. Заедничкиот именител и во двата случаи беше нашето толкување на историјата. Свесни дека имаат поголема моќ од Македонија и инструменти да не блокираат во оставрувањето на нашите стратешки цели, тие вршат притисок врз нашата држава за да го сториме тоа што не би го сториле во отсуство на тој притисок.
Како и кај нив, и кај нас, стравот од Бугарија е во основата на најновите барања за единство во МАНУ. И ќе беше добро говорниците предводени од претседателот на МАНУ , кој подвлече дека „сè“ не чини и дека земјата пропаѓа, да се средоточеа на тој проблем и неговото решавање а не да отвораат фронт против целокупната политика на сегашната влада. Таков фронтален напад понајмалку е повик за единство, туку е сигнал за рушење на владата. Ако со своите ставови придонесат кон смена на оваа власт на изборите кои следат, говорниците во МАНУ ги чека големо изненадување. Единство какво што посакуваат е невозможно во услови на демократија и слобода. Можно беше само во еднопартискиот систем.