ГРАД СКОПЈЕ МУ РАСКИНА НА „ПЕТТИОТ ЕЛЕМЕНТ“ Прекинува соработката со секс-скаутите
Учесниците на настанот учествувале во приватна режија и не биле организирани од училиштата. Имајќи предвид дека настанот кој се случил предизвика лавина негативни реакции во јавноста и нè шокираше и нас како институција, одлучивме да го прекинеме договорот со Првиот скопски извиднички одред, соопшти Град Скопје.
Град Скопје се оградува од активностите на Првиот скопски извиднички одред кои предизвикаа реакции во јавноста поради скандалот со злоупотреба на малолетници за време на проектот „Секс, скаутс и рок енд рол“.
„Сакаме да информираме дека во проектната документација доставена до нас ја нема наведено спорната активност, ниту имаат доставено каква било информација која би укажала на одржување на таа активност. Дополнително, учесниците на настанот учествувале во приватна режија и не биле организирани од училиштата. Имајќи предвид дека настанот кој се случил предизвика лавина негативни реакции во јавноста и нè шокираше и нас како институција, Град Скопје го прекинува договорот со Првиот скопски извиднички одред. Ја споделуваме загриженоста и осудите од страна на стручните лица и општата јавност и се согласуваме дека сексуалното образование не може да се спроведува од ентузијасти туку исклучиво од професионалци во областа“, соопшти Град Скопје.
Министерството за внатрешни работи (МВР) пред два дена добило пријава од родител во врска со извидничкиот камп во близина на Скопје, на кој според, тврдењата на родителот, малолетни деца биле вклучени во непримерни активности.
Од МВР потврдуваат дека извршиле разговор со родителот и оти за случајот е известен Јавен обвинител.
МВР, како што, нагласија оттаму постапуваат по насоки дадени од Oбвинителството за расчистување на случајот.
Лицата кои се инволвирани активностите на извидничкиот камп, по насока на Oбвинителството се повикани на разговор во полиција, потврдија за МИА извори од истрагата.