ЗАБУНА ЗА КРАЈОТ НА ПОПИСОТ Директорот слушнал од новинарите дека попишувањето може да се продолжи

Некои региони во Скопје и низ државата целосно се затвораат бидејќи сите граѓани се попишани, па тие попишувачи кои си ја завршиле работата сега ги испраќаме во реоните каде што има повеќе непопишани граѓани. До четврток има доволно време и сметаме дека нема да има потреба за свикување собраниска седница со цел продолжување на рокот за пописот, велат од Државниот завод за статистика (ДЗС).

3,505

Јас денеска првпат од новинарите слушнав дека собранискиот спикер Талат Џафери изјавил оти постои можност за продолжување на времетраењето на пописот поради хакерските напади што се случија на почетокот на статистичката операција. Засега не сме разговарале и не сме размислувале за продолжување на процесот, бидејќи сметаме дека целата операција ќе заврши на 30 септември, како што беше планирано.

Ова за Плусинфо го изјави директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски, кој посочи дека денеска или утре ќе биде испратено соопштение до јавноста преку кое ќе им се соопшти на граѓаните дали, сепак, постои потреба да се бара продолжување на пописот, кој според законот што го донесе Собранието, треба да заврши во рок од 25 дена.






Од друга страна, пак, токму од Државниот завод за статистика вчера истакнаа дека не е исклучена можноста да биде побаран дополнителен рок за продолжување на регистрацијата на терен.

– Како ќе се одвива работата на терен зависи од работата на попишувачите и однесувањето на граѓаните. Ако завршат на време, тогаш можеме да кажеме дека процесот е успешно завршен, а ако не, тогаш сме тука да побараме од надлежните органи да го продолжат рокот за регистрација толку денови колку што е потребно. Знаете дека цели пет дена скоро и да не работевме поради хакерски напади и тоа нè направи да бидеме под временски притисок. Доколку е потребно, ќе побараме овие денови да бидат надоместени – изјавија вчера од Државниот завод за статистика.

Јасмина Ѓоргиева, задолжена за односи со јавност во ДЗС, рече дека вчерашната изјава за евентуално продолжување на пописот ја дал заменик-директорот Илми Селмани, но како што рече, медиумите погрешно ја пренеле.

– Статистичката операција се одвива во полна пареа, ние максимално го почитуваме законот кој беше изгласан во Собранието и се раководиме според датумот кој е предвиден за завршување на пописот, а тоа е 30 септември. Попишувачите се на терен, работат со полн капацитет, па и покрај техничките проблеми со коишто се соочивме на почетокот на месецов, сметаме дека ќе успееме да го завршиме пописот до 30 септември. Некои региони во Скопје и низ државата целосно се затвораат бидејќи сите граѓани се попишани, па тие попишувачи кои си ја завршиле работата сега ги испраќаме во реоните каде што има повеќе непопишани граѓани. До четврток има доволно време и сметаме дека нема да има потреба за свикување собраниска седница со цел продолжување на рокот за пописот – изјави Ѓоргиева за Плусинфо.

Собранискиот спикер Талат Џафери денеска рече дека не постојат пречки за да се свика итна седница на која би се разгледала можноста за продолжување на пописот, но како што истакна, потребно е да се достави барање од Владата или од група пратеници и да има политички консензус меѓу сите политички партии во Собранието.

– Непишано правило е Собранието да не работи во изборна кампања, но тоа не значи дека ако има итна потреба, да не заседава. Во однос на изјавата на директорот на Државниот завод за статистика дека е можно да биде побарано продолжување на пописот поради хакерските напади, ова е прашање кое треба да биде предлог на Владата или на група пратеници за измена на законот. Треба да има конкретен предлог, а поради фактот дека во Собранието учествуваат политички субјекти од разни проминенции, тој треба да биде усогласен меѓу нив – истакна денеска Џафери.

Доколку би се побарало продолжување на времетраењето на статистичката операција, додаде собранискиот спикер, тоа треба да биде направено во следните два дена имајќи предвид дека пописот законски треба да заврши на 30 септември.

Пописот започна на 5 септември, но и покрај тоа што оваа статистика операција вообичаено треба да трае 20 дена, овој пат беше доделен дополнителен рок од пет дена, со оглед на очекуваните пречки поради ковид-пандемијата, како и поради тоа што земјава речиси една деценија чека нови податоци за населението.

Според последните податоци, попишани се 1.695.549 лица, 526.605 домаќинства и 752.916 станови.

Поврзани содржини