ПОДЗЕМНА УЛИЦА И КАТНА ГАРАЖА ЌЕ ГО РЕШАТ СООБРАЌАЈНИОТ МЕТЕЖ ВО БИТОЛА Кондовски го претстави првиот проект
Со овој проект партерно ќе се уреди централното градско подрачје, ќе се зголеми безбедноста на пешаците, ќе се овозможи непречен сообраќај во текот на целата година и што е исклучително важно ќе се намали загадувањето на воздухот, рече Кондовски.
Подземни улица и катна гаража ќе го решат сообраќајниот метеж во центарот на Битола
Модерните сообраќајни решенија се обележје на секој модерен и организиран град. Изработка и реализација на сообраќајни решенија по европски терк е еден од моите клучни приоритети како иден градоначалник. Преку современа сообраќајна реорганизација заснована на соодветни сообраќајни студии Битола ќе биде многу поорганизирана, сообраќајно растоварена и просторно облагородена, изјави Христо Кондовски, кандидат за градоначалник на Битола од СДСМ.
– На тој начин Битола ќе добие еден нов лик, квалитетен јавен простор и подобрување на безбедноста и мобилноста за сите учесници во сообраќајот, а посебно воспоставување и промена на режим на сообраќај со сегрегација на површини и еднонасочен сообраќај. Главната цел е адаптација и ревитализација на централното градско подрачје и клучните сообраќајници на одржлив начин – вели Кондовски.
Прв проект кој собено е важен за централното градско јадро, според е улицата Димитар Илиевски Мурато.
– Оваа улица претставува една од најфреквентните сообраќајници со дневен промет кој се мери со илјадници возила. Во шпицот на денот тука минуваат и по 1.600 возила во еден час. Вкрстувањето на оваа улица со Широк Сокак ја прави и една од најтесните грла, поради што во летниот период навечер е блокирана и неупотреблива. Дополнително, енормната потреба од паркинг простор, плоштадот Гоце Делчев наместо прекрасно и облагородено градско јадро е претворен во општински паркинг, што ја нагрдува Битола. Со овој проект партерно ќе се уреди централното градско подрачје, ќе се зголеми безбедноста на пешаците, ќе се овозможи непречен сообраќај во текот на целата година и што е исклучително важно ќе се намали загадувањето на воздухот – рече Кондовски.
Тој информира дека проектот ќе чини 4 милиони евра и дека треба да биде завршен за три години.