Ѝ ЈА ИСКАСАПИЛЕ КОСАТА НА КОЈА ЗАРАБОТУВАЛА Манекенка паднала во депресија и не можела да се гледа во огледало
Салонот ја скратил косата на манекенката, спротивно на нејзините правила и упатства, па со тоа ѝ предизвикал голема штета и треба да плати казна од 20 милиони рупии.
Судот за потрошувачи во Индија казни фризерски салон 20 милиони рупии (271.000 американски долари или 197.000 фунти), како отштета за манекенка, поради погрешно направена фризура, пренесува Би-Би-Си.
Медиумите пишуваат дека оваа манекенка добивала работни понуди од фирми за производи за коса, поради тоа што имала многу долга коса. Но, салонот ја скратил нејзината коса спротивно на нејзините желби и упатства, па со тоа ѝ предизвикал голема штета, забележал Судот за потрошувачи.
Сепак, на салонот, кој е дел од истакнатиот ланец хотели во Делхи, му е дозволено да поднесе жалба против пресудата.
Националната комисија за решавање спорови за потрошувачите, рече дека манекенката вака ги губи работните задачи и ќе претрпи огромна загуба поради тоа што целосно ѝ е променет нејзиниот животен стил, а со тоа ѝ се скршил нејзиниот сон да биде топ-модел.
Манекенката отишла во хотелот во 2018 година за да се потстриже и им дала конкретни упатства на вработените за изгледот што посакува да го има. Но, фризерот исекол голем дел од косата.
„Таа престана да се гледа себеси во огледало. Таа е професионалец во комуникација и нејзината работа бара таа да биде дел од состаноци. Но, ја загуби самодовербата поради кратката коса“ се вели во судскиот налог.
Кога се пожалила во салонот ѝ била понудена бесплатна терапија за коса за да ѝ ја надоместат штетата. Жената пред судот изјавила дека третманот бил „сомнителен и резултирал со оштетување на нејзината коса“.
„Таа претрпе тежок ментален стрес и траума поради невниманието во кратењето на нејзината коса и не можеше да се концентрира на својата работа, па на крајот ја загуби. Таа помина низ болки и трауми последните две години по овој инцидент“, истакнува судот.