ФИЛИПЧЕ И ХАСАНИ ОСТАВКИТЕ ДА ГИ ДОСТАВАТ ДО СОБРАНИЕ Мицкоски вели во спротивно ќе бараат нивно разрешување
Мицкоски потенцираше дека премиерот Заев добивал детали од истрагата, и се плаши дека истите ќе му ги соопшти на, како што кажа, неговиот деловен партнер Венко Филипче.
Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција се обрати на медиумите. Тој кажа дека три дена премиерот го нема да каже нешто за несреќата.
– Оставив три дена, ако се неспособни, не мислев дека ќе бидат неморални. За жал оваа власт ги покажа и двете – рече Мицкоски.
Мицкоски кажа дека Филипче требало да ја поднесе оставката до Собранието, а не до премиерот.
– Министерот за здравство видовме дека дал оставка до премиерот, а не до институцијата која го избрала, а тоа е Собранието. И истата таа треба да ја констатира поднесената оставка. Оставката на Филипче од морални причини, нема да ја пренасочи јавноста од кривичната одговорност која мора да ја има – рече Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека премиерот Заев добивал детали од истрагата, и се плаши дека истите ќе му ги соопшти на, како што кажа, неговиот деловен партнер Венко Филипче.
– Се поставуваат прашањата, на кој начин и каков квалитет е градена болницата, со каков квалитет, зошто немало ПП апарати, систем за противпожарна заштита, зошто роднините на пациентите се грижат за пациентите и дали тоа е недостаток на медицински персонал. Бараме истрага која ќе биде објективна. Напротив тоа имаме информации Зоран Заев добивал детали од истрагата, и не се крие дека е во координација со обвинителите. Тоа се вика заробена држава. Хибридниот режим е минато, сега влегуваме длабоко во заробената држава. Истрагата треба да се занимава предизвикуваат смртни последици, таа истрага предводена од СДСМ обвинители, на дневна база информира премиерот, кој е бизнис партнер со министерството за здравство и секако постои опасност да бидат поделени тие информации – кажа Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека во следниот период партијата ќе преземе чекори во расчистување на оваа трагедија.
– ВМРО-ДПМНЕ во следниот период ќе преземе повеќе чекори во расчистување на оваа трагедија. Првиот чекор е давање рок до вторник, но пред тоа министерот Филипе и неговиот заменик да ги достават оставките до Собранието. Доколку не бидат овие оставки, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во соработка со другите партии, ќе поднесе предлог одлука за разрешување на министерот за здравство и неговиот заменик. Нема интерпелација, да не биде како изминатите интерпелации, и никогаш повторно да не бидат точка на дневен ред. Има таква можност според деловникот. Нема повеќе простор и нема место за криење на неспособни владини функционери. Штом премиерот Заев си игра со народот, и не ги доставува оставките до Собранието, тогаш ние ќе преземеме мерки – рече Мицкоски.