ДАЛИ СЕ ПОТРЕБНИ МЕРКИ ЗА ПРЕТПАЗЛИВОСТ Сојот кој ги заобиколува вакцините откриен блиску до нас
Министерството за здравство на Турција информираше дека кај две лица е пронајдена новата варијанта на коронавирусот Му.
Новата варијанта на коронавирусот, Му, е пронајдена кај две лица во Турција, изјави министерот за здравство на земјата, Фахретин Коча, цитиран од Анадолската агенција.
Министерот додаде дека во моментов Турција не планира да воведе нови мерки.
– Засега, не планираме воведување дополнителни мерки, бидејќи досега Му не е откриен кај други луѓе. Над 90 проценти од случаите на коронавирус во земјата се должат на варијантите Делта и Делта Плус. Редовното ПЦР тестирање за невакцинираните ќе се одржува како досега, не се размислува да се направи тоа на сметка на граѓаните за да се поттикне вакцинацијата – рече тој.
Коча потсети дека Турција препорачува трета доза вакцина за оние кои се имунизирани со неактивна вакцина против ковид-19, но засега нема таква препорака за mRNA вакцините, кои имаат подолго задржување на имунитетот. Следењето на ефектот на овие вакцини ќе продолжи и во наредните месеци и ќе се даде препорака дали и кога е потребна „бустер доза“.
Според министерот за здравство, Турција се подготвува да започне со масовно производство на локалната неактивна вакцина „Турковак“ во рок од еден и пол или два месеци.
Коџа, исто така, истакна дека властите не би сакале повторно да ги затворат училиштата поради епидемијата со ковид-19 во присуство на вакцина против болеста и со охрабрувањето на населението за вакцинација. Како што истакна, за 2-3 дена во Турција се очекува бројот на дози на вакцини да надмине 100 милиони.
Според официјалните податоци, 98,4 милиони луѓе во Турција досега се вакцинирани со барем една доза од вакцината.