КОНДОВСКИ ВЕТУВА БРЗА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ПРОЕКТИТЕ Тоа му е фах од раководењето на приватните фирми (ВИДЕО)
Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Битола најави 10 поголеми проекти и преструктуирање на јавните претпријатија.
Kандидат од СДСМ за градоначалник на Битола Христо Кондовски најави досега невидена брзина на реализацијата на проектите кои ќе се најдат во неговата програма, а кои ги побарале битолчани. Тој најави дека 10 од проектите ќе бидат поголеми.
Она што досега фалело во управувањето со градот, според него била ефкасноста и брзината на работењето.
– Досега се имало добра намера, имало домаќинско работење, требало само да се изменаџира побрзо. Затоа сум овде пред вас и одговорно тврдам дека ќе се движам во таа насока. Се менаџирало, но сметаме дека може уште подобро да се менаџира – рече тој.
Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Битола најави преструктуирање на јавните претпријатија.
– Од аспект на ефикасност, на кос бенефит анализи, сето тоа ми е фах од раководење во приватните фирми и знам тоа да го направам – рече Кондовски.
Тој рече дека ќе води само позитивна кампања за време на предизборните активности.
– Само позитивна, не знам поинаку. И како приватник и како стопанственик не сум се занимавал многу со конкуренцијата, имаме доволно многу што да работиме пред нас и во кампањата и после тоа како градоначалник , нема потреба да се занимаваме со конкуренцијата. Она што можам да го кажам како апел е дека онај што ќе биде опонент, како градоначалник, го канам уште првиот ден на кафе за да си подадеме рака, еден фер-плеј за позитивна кампања. Мислам дека на битолчани им е смачено да слушаат кој колку не чини, треба да слушаат колку ќе работиме. Значи со едни конкурентски идеи и тоа јавно и гласно да го ветиме и да го исполниме – рече Кондовски.
ВИДЕО ТВ Тера Битола.