ИЗВЛЕЧЕНИ СЕ СИТЕ НАШИНЦИ ОД АВГАНИСТАН Вработените во НАТО базата чекаат на распоред

 Во НАТО базата во Кабул се останти само оние кои сѐ уште ги извршуваат своите обврски, а чија евакуација ќе се одвива согласно распоредот за повлекување од самата база. 

203

Сите пријавени граѓани се евакуирани од Авганистан и во моментот немаме информации за наши државјани кои се во загрозувачка ситуација или на кого му е потребна асистенција за евакуација, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Според последните информации од повеќе извори, потенцира тој, сите граѓани кои биле пријавени за евакуација и евидентирани како наши граѓани, веќе го имаат напуштено Кабул и во моментот се наоѓаат на неколку локации.






– Најголемиот дел, преку 30 наши граѓани се наоѓаат во Велика Британија, над 20 граѓани се во Доха, Катар, од каде во наредните денови ќе бидат транспортирани кон европските центри. Нашите граѓани кои се наоѓаа во НАТО базата во Кабул вчера го напуштија Авганистан и се наоѓаат во Осло, Норвешка –  изјави Заев при посетата на Јегуновце.

Тој додаде дека во НАТО базата во Кабул се останати само оние кои сѐ уште ги извршуваат своите обврски, а чија евакуација ќе се одвива согласно распоредот за повлекување од самата база.

Според последните информации кои денеска ги сподели Министерството за надворешни работи, најголемиот дел, или 39 наши граѓани се наоѓаат во Свиндон, Велика Британија, од каде по неколкудневниот карантин, согласно епидемиолошките правила на земјата, ќе бидат упатени за дома. Во Осло, Норвешка, се наоѓаат седум наши граѓани, кои исто така согласно епидемиолошките мерки на земјата домаќин се наоѓаат во неколкудневен карантин, по што наскоро ќе бидат упатени дома. Последно, 27 наши граѓани се наоѓаат во воената базата на САД во Доха, Катар и се на безбедно. Трансферот на овие граѓани кон Европа сѐ уште не е одреден и се прават дополнителни напори и со катарските власти, и со администрацијата на САД, за нивно скорешно упатување кон Скопје.

Поврзани содржини