СО СИТЕ РЕСУРСИ СЕ ГАСНЕ ПОЖАРОТ НА КИТКА Засега нема опасност за селото Палиград

„Состојбата континуирано се следи, а сите екипи остануваат во целосна готовност“ - соопшти ЦУК.

0

Сите расположиви ресурси се ангажирани во гаснење и ставање под контрола на пожарот што беснее во реонот на Палиград и планината Китка, соопшти Центарот за управување со кризи.

Во интервенцијата се вклучени три авиони и две теренски возила „пинцгауер“ на Дирекцијата за заштита и спасување, еден хеликоптер на МВР, екипи на Противпожарната бригада на Град Скопје, како и припадници на Национални шуми.






Директорот на Центарот за управување со кризи Мухамед Али вели дека акцијата ја координира директно од терен. Екипите дејствуваат со засилен интензитет со цел локализирање и гаснење на пожарот и спречување на неговото понатамошно ширење.

Од ЦУК информираат дека во моментов нема опасност за селото Палиград, ниту за другите населени места во подрачјето на Каршијак.

„Состојбата континуирано се следи, а сите екипи остануваат во целосна готовност за навремена реакција, со цел заштита на жителите и спречување на каква било потенцијална опасност“ – соопшти ЦУК.

Поврзани содржини