СЕКОЈА ГОДИНА ЕУ ПОТЕШКА ЗА 2,5 МИЛИЈАРДИ ТОНИ ОТПАД До 2030 година Македонија мора да го преполови својот отпад
Европската комисија минатата година во март донесе нов Акциски план кој има за цел европската економија да ја приспособи кон зелената иднина и дава насоки за отпадот чијашто количина и покрај сите напори на ниво на ЕУ, како и на национален план, не се намалува.
Европската комисија минатата година во март донесе нов Акциски план кој има за цел европската економија да ја приспособи кон зелената иднина, притоа унапредувајќи ја нејзината конкурентност, а истовремено и да ја зачува животната средина и да обезбеди нови права на потрошувачите. Комисијата ќе предложи ревизија на законот за потрошувачи на ЕУ со што би се обезбедило тие да добијат веродостојни и релевантни информации за производите на продажните места, вклучувајќи го и нивниот животен век, како и достапност на услугите за поправка, резервни делови и прирачници за поправка.
„Акцискиот план особено дава насоки за отпадот чијашто количина и покрај сите напори на ниво на ЕУ, како и на национален план, не се намалува. Годишното создавање на отпад од севкупните активности на ЕУ е во висина од 2,5 милијарди тони, поточно 5 тони по глава на жител, додека секој граѓанин во просек произведува речиси пола тон комунален отпад. Законите на ЕУ од 1970-тите години поврзани со отпадот доведоа до значајни подобрувања во управување со отпадот. Затоа, потребно е постојано да се модернизираат со цел да се вклопат во циркуларната економија и новото дигитално време.
Акцискиот план предлага ревизија на ЕУ законодавството во врска со батериите, амбалажата, отпадните возила, како и опасните супстанции во електронската опрема, со цел да се спречи создавањето на отпад, да се зголеми количината на рециклиран материјал, да се промовира сигурен и чист проток на отпадот, обезбедувајќи висококвалитетно рециклирање. Сето ова е со цел до 2030-тата година да се намали вкупното создавање на отпад и да се преполови количината на преостанатиот (нерециклиран) комунален отпад“, појаснуваат од здружението „Еко-свест“.
Според нив главната цел е овој Акциски план да ја поддржи глобалната транзиција кон циркуларна економија и пред сè на меѓународно ниво да се постигне глобален договор за пластика, но и да се дефинира „сигурен оперативен простор“ за употребата на природни ресурси.
Како што наведува Акцискиот план ќе биде потребно усогласување и соработка на сите засегнати страни на сите нивоа – ЕУ, национално, регионално, локално и меѓународно. Со тоа Комисијата ги повикува институциите и телата на ЕУ да го прифатат овој Акциски план и активно да придонесат за неговата примена и ги охрабрува државите членки да ги усвојат или ажурираат своите национални стратегии, планови и мерки за циркуларна економија.
Еко-Свест го спроведува проектот „GEAR – Green Economy for Advanced Region“ финансиран од Европската Унија во рамки на Програмата за поддршка на граѓанско општество и медиуми за 2016-2017.