Не се секирајте, ОБСЕ ќе се огласи откако режимот ќе ги украде изборите!

Како да се одговори на предизборната корупција? Многу едноставно. Земете си ги бонусите, решенијата за вработување, субвенциите, ваучерите... И пак гласајте за кого сакате. Зад параванот сте сами и никој не може да види што сте направиле со гласачкото ливче. Земете им ги парите, насмевнете им се и заебете ги! Нема послатко од тоа!

12,053

Владината уредба за исплата на додаток на платите на дел од вработените во јавната админиситрација, бонусот од 30 отсто, е класична предизборна корупција!

Поткуп на партиската војска!






Надомест за страв и послушност!

Непристојно и недозволено влијание врз избирачкото тело!

И тоа на сите им е јасно. Уредбата јавно ја критикуваат квалификувани експерти. Отворено проговорија и антикорупционерите. А да не зборувам за лавината реакции во медиумите и на социјалните мрежи.

Се разбира, хибридниот режим ќе ги игнорира критиките. И ќе се надева дека ќе минат како онаа народната – секое чудо за три дена.

Како и неговиот славен претходник, Никола Груевски, така и Зоран Заев нема да ја пропушти шансата да ги искористи јавните фондови со кои располага, за масовна предизборна корупција.

Не само за бонуси. Исплатени или ветени, апсолутно сеедно. Туку и за нови партиски вработувања во администрацијата. За предизборни тендери. За социјални трансфери. За субвенции и за ваучери. За што ти не!

Анкетите покажуваат дека претендените за победа на локалните избори се со прилично изедначени рејтинзи и СДСМ мора да посегне и по макијавелистичките методи кои некогаш, додека беше во опозиција, жестоко ги критикуваше.

И уште една грда работа, за жал, се повторува и пред овие избори. Веќе сега ја читаме отворената намера на меѓународниот фактор да замижи пред овие валкани работи. На тој начин ќе му помогне на хибридниот режим да се одржи на власт. На Зоран Заев да му се даде уште еден бонус, веројатно со надеж дека ќе стави потпис и на договорот со Бугарија. Или што и да е…

Плусинфо се обрати до мисијата на ОБСЕ/ОДИХР и побара коментар за повторната појава на трошење буџетски пари за предизборен поткуп. За жал, добивме навидум културен и дипломатски, а всушност циничен и бирократски одговор – набљудувачите ќе се огласат со прелиминарен извештај ден после изборите!

После изборите?!

Па да… Кога сѐ ќе биде завршено. Кога меѓународната заедница објективно веќе нема да може да влијае врз изборниот процес и кога само ќе се легитимира изборниот резултат. Со неколку „препораки“ за во иднина.

И сега, што треба да се прави? Да се очајува? Ма неее… Ништо посебно не треба да се прави, драги мои. Треба само да се потсетиме на три веќе искусени работи:

Прво, меѓународниот фактор секогаш ги поддржува тие што се на власт. Другите ги охрабрува, но оние од власта ги поддржува. Сетете се, дури и Груевски, речиси до пред самиот пад, уживаше таква поддршка.

Второ, странците не гласаат на изборите. Без оглед кого тие поддржуваат, одлучуваат македонските избирачи.

И трето, сите што се со намера да го земат предизборниот поткуп, без оглед во каква форма им се нуди, јас ги охрабрувам да го сторат тоа.

Земете си ги бонусите, решенијата за вработување, субвенциите, ваучерите. Земете си ги, драги мои, а пак гласајте за кого сакате. Зад параванот сте сами и никој не може да види што сте направиле со гласачкото ливче.

Земете им ги парите, насмевнете им се и заебете ги! Нема послатко од тоа!

И бидете без грижа. Без оглед за кого сте гласале и кој ќе победи, на следните избори пак ќе се делат бонуси, субвенции, ваучери, вработувања… Пак ќе имате за земање.

 

Поврзани содржини