Мицкоски: Министерството за култура ќе биде во Охрид, ќе се децентрализираат институциите
Тоа е една крупна реформа со којашто ВМРО-ДПМНЕ ќе се зафати и тоа нема да биде преку ноќ, можеби ќе треба повеќе време, можеби ќе требаат повеќе години, но еднаш засекогаш мораме да почнеме и да го најдеме местото на секое нешто онаму каде што тежи, рече Мицкоски.
Децентрализација на институциите, е новата реформа која ја најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на трибина од Охрид.
Новата реформа ќе се реализира низ сите општини во Македонија, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, односно државните институции и органи ќе се преместат во други општини како на пример министерството за култура и културните државни институции во Охрид. Според него, така така ќе се развива цела држава.
– Тоа е една крупна реформа со којашто ВМРО-ДПМНЕ ќе се зафати и тоа нема да биде преку ноќ, можеби ќе треба повеќе време, можеби ќе требаат повеќе години, но еднаш засекогаш мораме да почнеме и да го најдеме местото на секое нешто онаму каде што тежи. Охрид е, како што кажав не само на Македонија, Охрид е и на целиот свет, и е културна престолнина, нашиот Ерусалим и тука треба да бидат сместени сите државни културни институции и управи, а на крај и самото министерство за култура, тоа се вика институционална децентрализација, институциите таму каде што им е местото. Културата и министерството треба да бидат овде во Охрид – истакна Мицкоски.
Според него, ова ќе биде реформа којашто ја заслужуваат охриѓани во културата, во секоја општина граѓаните ќе добијат децентрализирана државна институција, за насекаде да се развива Македонија.