НЕХУМАНО Неподвижна баба на трактор и медицински сестри без маски и ракавици (ФОТО)
Што ако ја донеле неподвижната баба качена на магаре? Зарем ќе ја вакцинираат на магарето? Исто така, како што се гледа на фотографијата, медицинските сестри не носат ниту заштитни маски на лицата, ниту, пак, ракавици на рацете, коментира револтиран граѓанин на социјалните мрежи.
Бура реакции во јавноста предизвика фотографијата што вчера на Фејсбук ја објави министерот за здравство Венко Филипче, а на која се гледа како медицинска сестра вакцинира повозрасна жена седната на трактор.
Министерот посочи дека се работи за неподвижно лице кое живее над селото Ратево, Беровско, и дека местото било многу тешко пристапно. Сепак, онаму каде што Филипче виде „исклучителна посветеност и организација при процесот на вакцинација“, голем дел од граѓаните видоа нехуман однос кон населението.
Тие прашуваат како е возможно во 21 век да постои непристапен предел до каде што може да се стигне само со трактор, а веќе ако постои таков предел, коментираат корисниците на социјалните мрежи, тогаш зошто медицинските екипи не биле превезени со трактор до местото каде што живеат неподвижните лица.
„Денеска за едно маче качено на покрив се активира цела техника за да го спасат. Ако не можела бабата да слезе од трактор, не требало ни да ја качуваат. Ќе оделе двете сестри со теренско возило, со хеликпотер ако треба, да ја вакцинираат дома. Што ако ја донеле неподвижната баба качена на магаре? Зарем ќе ја вакцинираат на магарето? Исто така, како што се гледа на фотографијата, медицинските сестри не носат ниту заштитни маски на лицата, ниту, пак, ракавици на рацете“, коментира револтиран граѓанин.
Од друга страна, министерот Венко Филипче тврди дека лицето воопшто не побарало асистенција или превоз од локалниот Здравствен дом во Берово, а како што додава, гестот на медицинските сестри кои се качиле на тракторската приколица е за пофалба, а не за осуда.
„Станува збор за брачен пар кој живее во планинските колиби, место над село Ратево, Беровско. Местото е тешко пристапно, а лицата кои се вакцинираат на сликите воопшто не побарале асистенција или превоз од локалниот Здравствен дом во Берово. Тие одлучиле самите да дојдат на вакцинација до пунктот и се појавиле на местото. На пунктот имало санитетско возило со фрижидер за теренска вакцинација и биле вакцинирани целосно безбедно, спротивно на тоа што сака да се прикаже во јавноста. Повозрасната жена, бидејќи не била во можност да се симне од тракторот, за да не се малтретира, медицинската сестра се качила на приколката за да ја вакцинира. Јас сметам дека тоа е гест за поздравување, а не за осуда“, напиша Филипче на Твитер.