ВМРО-ДПМНЕ: Заев го токми Јовески за уставен судија – тоа му е награда за заштитата на криминалот и селективната правда
Јовески беше и е главен политички егзекутор кој работи по диктат на Заев, кој како и во испробаниот метод со Добрила Кацарска, Заев го токми за уставен судија, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Најавата дека шефот на обвинителството Љубомир Јовески го подготвуваат за уставен судија е уште еден показател на трас-трас судството на Заев, обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Јовески беше и е главен политички егзекутор кој работи по диктат на Заев, кој како и во испробаниот метод со Добрила Кацарска, Заев го токми за уставен судија. Тоа е наградата за овие четири години селективно обвинителство кое го штитеше и заташкуваше криминалот на власта, а по нарачка на Заев отвораше политички процеси против неистомислениците на аболицираниот криминалец. Впрочем токму Јовески беше шеф на обвинителството кога Заев беше ослободуван од очигледни криминали, кога не се отвораа предмети како снопчињата пари во чантата на Ден Дончев, случајот ‘Леонардо‘, насилството на градоначалникот на Шуто Оризари и десетици други големи криминали. Доколку Јовески стане уставен судија, тоа нема да биде поради неговата компетентност и авторитет, туку поради желбата на Заев од Уставниот суд да направи партиско дувло кое ќе му го штити криминалот и корупцијата која владее во секоја пора од неговото владеење. Заради ваквото обвинителство чиј шеф е Љубомир Јовески, земјава е на дното во борбата против корупцијата во Европа и светот, и поради ваквото обвинителство чиј шеф е Јовески Македонија е најкриминализираната држава во Европа, во која власта и криминалците се во синергија и коалиција“, се вели во соопштението.
Со Заев и ликови како Јовески нема правна држава, додаваат од партијата на Христијан Мицкоски, туку хибриден режим кој Македонија ја закова на дното по сите параметри во Европа.