Булеварот „Цветан Димов” ќе биде со шест ленти, ќе се уриваат објекти

Ова неформално значи и изградба на втората траса на Бас Рапид Транзитот имајќи предвид дека тука имаме коридор по кој ќе се движи БРТ до железничката во Бутел - изјави Шилегов, кој додаде дека овој булевар ќе биде широк 29 метри.

635

Во тек на следната година ќе почне изградбата на булевар „Цветан Димов” во Општина Чаир. Ова денеска го најави градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, кој истакна дека денеска започнува тендерот за негово проектирање. Ќе има шест коловозни ленти, централно зеленило, како и пешачки и велосипедски патеки.

– Конечно еден од најгорливите проблеми во нашиот град ќе почнеме чекор по чекор да го надминуваме. Моите очекувања се 2 до 3 години од сега ќе зборуваме за сосема поинакво Скопје, за сосема поинаков Чаир. Ова неформално значи и изградба на втората траса на Бас Рапид Транзитот имајќи предвид дека тука имаме коридор по кој ќе се движи БРТ до железничката во Бутел – изјави Шилегов, кој додаде дека овој булевар ќе биде широк 29 метри.






Воедно, Шилегов наведе дека ова проширување подразбира и експропријација на определен број објекти и нивно отстранување од причина што се наоѓаат на самата траса на изведба. Изведбата на овој проект според анализите на Град Скопје се проценува дека ќе изнесува до 6,5 милиони евра.

– Свесен сум дека ќе уриваме неколку објекти, ќе го надоместиме тоа, но многу повеќе сум свесен дека тоа ќе биде трајното решени за овој дел од градот. Кога ќе ги ставите на кантар зијанот и користа што го добиваат граѓаните тогаш дефинитивно станува збор за еден поголем бенефит – рече Шилегов.

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, истакна дека ова проширување е потребно и за град Скопје, и за жителите на Чаир.

– Од голема важност е изградбата на овој булевар имајќи предвид дека општина Чаир е најгусто населено место во земјата. Оваа улица е единствена артерија што ги поврзува и другите општини Бутел и Шуто Оризари – изјави Ганиу.

Инвестицијата, дополни, ќе придонесе за поврзување на останатиот дел од градот со булевар „Х. Т Карпош“ и обиколницата.

Поврзани содржини