Убаво е? Мммм, како кајмак!

Дали новиот филм на Милчо Манчевски насловен како „Кајмак“, чие снимање почнува на 6 јули, ќе го оправда значењето на зборот кајмак како нешто најубаво, ќе видиме кога филмот ќе биде готов, но со оглед на бекграундот на режисерот и составот на екипата, не се сомневаме дека ’Кајмак‘ ќе го собере кајмакот секаде каде што ќе се појави

570

Денес, на прес-конференција на која беше најавен почетокот на снимањето на новиот филм на Милчо Манчевски „Кајмак“, авторот го најави своето ново дело како безобразна комедија, а за насловот рече дека, како прво, доаѓа оттаму што и кајмакот има улога во филмот бидејќи еден од главните ликови во него, Карамба, го купува секој ден од Виолетка, а второ и затоа што е асоцијација за нешто најубаво, но и како прашање, што е всушност најубаво и за што вреди да се живее.

Освен кајмакот и Скопје, главни херои во филмот се и актерите Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Ана Стојановска, Симона Спировска, Петар Мирчевски, Филип Трајковиќ, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други.






Првата клапа е на 6 јули, а снимањето ќе се одвива главно низ Скопје и во 2 околни села.

Инаку, станува збор за интернационална екипа од Македонија, Данска, Холандија, Хрватска, Бугарија, Англија, Италија и Србија, а освен режисер, Манчевски е и автор на сценариото.

Имено, филмот е европска копродукција, поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, како и од филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и Бугарија. Македонската Радио Телевизија е копродуцент.

Екипата е особено горда што во оваа најтешка пандемска година во светот, токму овој филм доби поддршка и од европскиот фонд Еуримаж, што е несомнено огромна потврда за вредноста на проектот.

Според финансиската конструкција на филмот, Македонија учествува со 48 проценти, додека 52 проценти од средствата доаѓаат од странство.

На прашањето како во пандемски период, проектот Кајмак успеа да мобилизира голема европска екипа за филмот, македонскиот продуцент на филмот Јане Ќортошев рече:

„Се е можно кога работиш на убав проект и со пријатели. А „Кајмак“ има навистина многу пријатели – низ цела Европа, а и дома. Собрани заедно зад убав проект, ништо не може да не сопре“.

Ова е седми филм на Манчевски, кој досега има работено и во Америка и во Македонија. На прашањето за тоа како се чувствува пред самото снимање на „Кајмак“ на денешната конференција за печат, режисерот Манчевски рече:

„Кајмак е безобразна комедија за две семејства, кои се пристојни на почеток, а среќни на крај. Се радувам како летен ден, затоа што после сета напорна работа сега почнуваме да правиме убава уметност, ама уште повеќе затоа што работиме со талентирани професионалци, кои се и добри луѓе. Животот е прекраток за да работиш со лоши луѓе“.

Дански копродуцент на „Кајмак“ е Мета Луис Фолдагер Соренсен, продуцентка на филмовите „Антихрист“ и „Меланхолија“ на Ларс Фон Трир, како и на данскиот кандидат за Оскар „Кралската афера“ и на „Сопругата“ со Глен Клоуз. Холандски копродуценти се Изабела Депевег и Елс Вандерворст, која важи за една од најискусните холандски продуценти, со култни филмови како „Мандерлеј“, „Догвил“ и „Танчер во мракот“ на Ларс Фон Трир и „It’s All About Love“ на Томас Винтерберг. Хрватски копродуцент е Синиша Јуричиќ, а бугарски Иван Дојков. Извршен продуцент е Иан Прајор од британската Скала Продакшнс.

Македонски продуцент на филмот е Банана филм. Продуцира Јане Ќортошев.

Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија данецот Улрик Боел Бенцен, кастинг директор Милка Анчевска, а костимограф Жаклина Крстевска.

Филмот ќе се снима исклучиво на локации низ Скопје.

Манчевски реши да го задржи оригиналниот збор, па англискиот наслов е „Kaymak“. Партнерите на филмот го доживуваат како интересен, нов збор што го научиле, како загатка во насловот, слично на „Е.Т.“ или „Кагемуша“, на пример.

Главни партнери на филмот се Алкалоид, НЛБ Банка и Виза, и партнерите на филмот Окта, Тиквеш, Витаминка и Лимак.

Последниот филм на Манчевски „Врба“ ја доживеа премиерата на Римскиот филмски фестивал, а потоа беше прикажан на уште 30 меѓународни фестивали и освои пет награди (Рејнденс, Синеквест, Валенсија, итн), Европската филмска академија го вброи во потесниот избор на филмови за награда во 2020, а „Врба“ беше и македонски кандидат за Оскар. Филмот собори рекорди на гледаност во Македонија, а од неодамна е продаден за дистрибуција во САД, каде наскоро ќе има и ДВД издание. Тој се прикажува и на Синемакс и на Ејч-Би-О.

Поврзани содржини