Турска и бугарска фирма ќе ја инсталираат фотонапонската електрана Осломеј од 100 мегавати
Денеска официјално беа потпишани договорите меѓу „АД ЕСМ“, „Фортис енержи електрик“ од Турција и со „Солар про“ од Бугарија.
Инвестиција од 70 милиони евра која предвидува 100 нови вработувања, ќе биде фотонапонската електрана во Осломеј од 100 мегавати за чија изградба денеска и официјално беа потпишани договорите меѓу „АД ЕСМ“, „Фортис енержи електрик“ од Турција и со „Солар про“ од Бугарија.
Реализацијата на овој проект ќе биде по принципот на јавно-приватно партнерство, а електраната се очекува да биде функционална до крајот на годината.
Според договорот двете компании на ЕСМ ќе му исплаќаат надоместок за јавното-приватно партнерство во износ соодветен на 18 отсто и 18,50 проценти од произведената електрична енергија за час. ЕСМ нема никаков паричен влог во изградбата, туку ја дава само локација, пристапен пат, анализа за условите за производство и балансирање енергија.
Се проценува дека заработката на државата би се движела до 1,5 милиони евра годишно.