Цел регион се тестира со плунка, а само нас ни „бушат“ синуси ВИДЕО

Плусинфо контактираше неколку аптеки ширум Македонија, но во ниту една аптека не се продава брз тест за корона со метод на плунка.

2,792

Тестирањето за ковид-19 со капнување на само неколку капки плунка во епруветата е најновиот метод што го користат голем дел од земјите во светот и во регионот. Ваквиот брз тест, кој можете сами да си го направите дома и тој е далеку поевтин и попрактичен од класичните тестови за кои е потребно земање брис од носот и од грлото, веќе некое време се продава во аптеките во Хрватска, во Грција, во Босна и Херцеговина, а сега и во Србија.

Но, очигледно, ваквиот производ за нас сè уште претставува научна фантастика и покрај тоа што Европската Унија ја одобри неговата употреба,. И многу еминентни вирусолози ширум светот апелираат да се искористи ваквото поедноставување на процедурата за тестирање, бидејќи, како што тврдат, пандемијата би се држела под поголема контрола доколку луѓето можат само да плукнат и веднаш да дознаат дали се позитивни на ковид-19.






До Министерството за здравство испративме прашање за тоа кога и дали воопшто се планира набавка на ваквите брзи тестови во земјава, но сè уште не добивме одговор.

Плусинфо контактираше и со неколку аптеки, но во ниту една не се продава брз тест за корона со метод на плунка. Неколку аптеки ни понудија брз тест кој е сличен на ПЦР-тестот и кој чини 560 денари, но ниту еден од фармацевтите со коишто разговаравме не слушнал дека во земјава наскоро ќе пристигнат тестови за кои не е потребен брис од нос и од грло.

– Искрено, прв пат слушам дека во Македонија може да се купи брз тест со метод на плунка. Затоа и се зачудив кога ни побаравте таков производ, бидејќи ниту некогаш сме имале, ниту, пак, имаме најава дека во скоро време ќе добиеме такви тестови – ни рече вработена во аптека во Карпош.

Резултат за 10 минути

Точноста на резултатот од брзиот тест на плунка изнесува 93,94 проценти, наведено е во упатството на „RealyTech“ тестот кој се продава во аптеките во Хрватска и чини нешто повеќе од 5 евра.

„Брзо и едноставно тестирање со плунка, а резултатот се добива за 10 минути. Точноста на тестот е 93,94 проценти. Идентификацијата се темели на детекција на моколонски антитела специфични за новиот коронавирус антиген. Најголемата предност на овој тест е едноставното земање примерок за тестирање. Со тоа се намалува ризикот од пренесување на вирусот врз други луѓе за време на тестирањето. Тестот може да се користи и кај деца за кои земањето брис од грло и од нос е секогаш проблематично. Тестирањето на плунка не создава непријатност како што е во случајот со земањето брис од грло или од нос. Тестот е одобрен од Европската Унија“, се вели во упатството за употреба.

Портпаролката на хрватската Агенција за лекови, Маја Башиќ, вели дека брзите тетови на плунка се медицински производи кои се наменети за самостојна употреба од страна на лаици.

– Имајќи предвид дека ги користат непрофесионалци во процесот на проверка на овие тестови беше потребно да се докаже дека се доволно сигурни и едноставни и дека граѓаните можат да ги користат безбедно – изјави Башиќ.

Во продолжение, погледнете како изгледа тестот и каква е процедурата за тестирање.

Научници од Ниш изработија тест на плунка

Директорот на компанијата „НеоМедика“ од Ниш, која го произведе брзиот тест на плунка за откривање коронавирус, Саша Тричковиќ, вели дека Агенцијата за лекови и медицински средства веќе го одобрила нивниот производ и дека за многу брзо време ќе се продава во аптеките во Србија.

Во цел свет има десетици илјади произведувачи на тестови со назален брис, а има само 24 кои прават тестови на плунка.

Саша Тричковиќ Директор на „НеоМедика“, Србија

Тој вели дека цената на ваквиот тест сè уште не е дефинирана, но дека производот секако ќе биде поевтин од ПЦР-тестовите кои во Србија чинат и до 9.000 динари.

– Потребата се јави уште на почетокот на пандемијата кога се правеа првите антигенски тестови. Земањето брис од грлото и во носот е прилично агресивна и непријатна метода, особено за децата. Тогаш преговаравме со една австриска компанија и тие ни рекоа да направиме тест на плунка. Меѓутоа, многу е комплицирано да се изработи таков тест. Имено, плунката содржи многу ензими од кои е многу тешко да се издвои антигенот. Во цел свет има десетици илјади произведувачи на тестови со назален брис, а има само 24 кои прават тестови на плунка – објаснува Тричковиќ.

Тестот на плунка е ефикасен исто како и ПЦР-тестот, додава тој.

– Тоа што брзите антигенски тестови за корона не можат да го детектираат, нашиот тест може. Антигенскиот тест може да биде лажно негативен, а нашиот тест дава исти резултати како и ПЦР-тестот. Пред да го одобри српската Агенција за лекови, тестот на плунка го одобри и Европската Унија – објаснува Тричковиќ.

Грција „плука“ веќе шест месеци

Грците уште во јануари годинава имаат можност да си купат брз тест за коронавирусот со примерок од плунка. Како што јавуваат грчките медиуми, покрај тоа што се брзи, овие тестови се многу поевтини и полесни за изведување.

„Тестовите на плунка даваат непосредни резултати и можат да претставуваат клучно решение за намалување на ширењето на коронавирусот, а тоа е поради можноста за рано дијагностицирање на болеста. Тестот за брзо откривање со плунка дава резултати во рок од 10 до 15 минути и погоден е за деца“, истакнуваат грчките здравствени власти, пренесуваат медиумите.

Франција: Приоритет имаат три категории на лица

Тестовите на плунка може да се користат за откривање на зарази со ковид-19, но само кај луѓе со симптоми, соопшти Високиот здравствен орган на Франција.

Високиот здравствен орган не ги препорачува овие тестови за луѓе без симптоми, кај кои „би пропуштил повеќе од 75 отсто“ од зарази поради недоволна ефикасност, посочи професорот Доминик Ле Гулудек, претседател на Колеџот на Високиот орган за здравство, за време на онлајн прес-конференција.

– Ние советуваме да резервираме тестови на плунка во приоритет за оние кои не можат да го поднесат класичното тестирање со ПЦР тест. Овие тестови ги користат деца кои имаат ринитис и одат на лекар, многу стари лица и оние кои имаат ментални нарушувања – истакна професорот Ле Гулудек.

САД: Евтина и едноставна метода

Американската Управа за храна и лекови (ФДА) го одобри тестот на плунка кој се користи во итни случаи за откривање на ковид-19, а кој беше тестиран на играчи и персонал на Националната кошаркарска асоцијација (НБА).

Комесарот на ФДА, Стивен Хан, тестот го нарече „револуционерен“ поради неговата ефикасност.

– Тестот на плунка се смета за евтина, поедноставна и помалку инвазивна метода за тестирање за која не е потребна екстракција на нуклеинска киселина и може да се користат неколку лесно достапни реагенси – истакна Хан.

Поврзани содржини