Легендарниот Вујо по трет пат седнува на клупата на Вардар

Стратегот го водеше Вардар од 2006 до 2009 година и од 2011 до 2013 година.

326

Непосредно по завршувањето на првенството и освојувањето на двојната круна во домашните натпреварувањаа, раководството на РК Вардар одлучи по трет пат да го ангажира љубимецот на скопската публика, легендарниот Веселин Вујовиќ.

Претседателот Михајло Михајловски откри дека првиот контакт и првата понуда му ја дал пред еден и пол месец, а во меѓувреме Вујо дал одговор дека се враќа на „трета мајка“ во Скопје.






– Ова е моја трета етапа во Вардар, се надевам дека ќе успешна барем, како тие тогаш. Од моето заминување се случија прекрасни работи, а јас останав во одличен однос. Вардар стана европски шампион, што е незамисливо за овие простори. Јас знам дека сега Вардар ги нема тие играчи и таа екипа, но за мене е голем предизвик, да се обидам повторно да направиме добри резултати во Европа. Михајло ги кажа целите, тие се малку повисоки од објективните, но и јас сум човек што сака да ги надмине целите, така што заедно ќе се обидеме. Вардар беше во лоша состојба, беше пред згаснување, но Михајло се јави и го спаси клубот и се надевам дека навивачите што поскоро ќе уживаат во нашите настапи. Јас се враќам во Македонија со задоволство, ја чувствувам како моја втора татковина и ќе ми биде голема чест да го водам Вардар третпат – рече Вујовиќ.

Тој го водеше Вардар од 2006 до 2009 година и од 2011 до 2013. Михајловски откри дека не бил единствена опција, но сепак тој се решил за Вујо.

– Имав контакти и понуди за други тренери, што мене морам да признаам ми годеше, но јас на крај решив да му ја доверам екипата на Вујовиќ, во кого потполно верувам. Тој го покажа својот квалитет во овие години, освои бронза со Словенија на Светско – додаде Михајловски.

За играчите кои ги има на располагање, Вујовиќ рече дека составот е отприлика тој, дека ако може да негува домашни играчи, ќе им даде предност, но и дека може да се засили со уште некој.

– Може да се засилиме со уште еден лев бек на пример или со уште еден среден, меѓутоа многу од тие работи зависат од финансии, од нашиот буџет, некои играчи бараат повеќе, па некои други проблеми, така што ќе работиме со тоа што имаме – информира Вујо.

За стручниот штаб, јасно е дека останува Владо Недановски како помошник, а Вујо потенцира дека ќе треба да се ангажира и тренер на голманите.

Поврзани содржини