Германија донираше 72.000 брзи антиген ковид тестови за јавното здравство

Германија од почетокот на пандемијата го поддржа здравствениот сектор на Северна Македонија со околу 1,45 милиони евра, изјави Холштајн по предавањето на донацијата.

204

Донација од 72.000 брзи антигенски ковид тестови во вредност од 298.000 евра, наменети за јавните здравствени установи и ковид центри во земјава, денеска му предаде германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн на министерот за здравство Венко Филипче.

– Среќна сум што денеска предавам уште една донација за македонското јавно здравство, финансирана од Министерството за надворешни работи на Германија преку Организацијата за помош и заштита од катастрофи. Германија од почетокот на пандемијата го поддржа здравствениот сектор на Северна Македонија со околу 1,45 милиони евра – изјави Холштајн по предавањето на донацијата.






Таа нагласи дека Германија е и коосновач на платформата за снабдување со вакцини и нејзин најголем донатор со 2,1 милијарди евра и додаде дека Ковакс снабдува 142 земји со вакцини против ковид-19 од кои многу ги добиваат бесплатно.

– При тоа секое петто евро доаѓа од Германија, а секое трето евро од Европската Унија. Нашата цел е сите во светот да може да ја добијат потребната вакцина бидејќи ние сме безбедни дури тогаш кога сите ќе бидат безбедни – истакна Холштајн.

Поврзани содржини