Заев: Решен сум да го разрешам Пауновски, ама ќе ги слушнам и аргументите на инспекторите

Заев останува отворен и за негово премислување пред одлуката на Владата бидејќи очекува аргументи за тоа.

2,712

Премиерот Зоран Заев утре на владина седница ќе ја потврди својата намера за разрешување на директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски кој  отворено одби да прифати во неговата институција да бидат прераспределени 35 „рамковни административци“, но останува отворен да биде премислен директно на седницата на Владата.

– Одлуката ќе биде донесена според јавните прописи, но нема да дозволам непочитување на законите иако Пауновски е мој пријател. Ќе ги слушнеме и сите аргументи вклучително и вработените во Државниот пазарен инспекторат и ќе биде донесена одлуката на Владата – рече Заев.






Пред тоа во 9 часот премиерот ќе се сретне со претставниците на вработените во Државниот пазарен инспекторат и ќе ја прими нивната петицијата во која тие застануваат за Пауновски.

-Утре ќе ги примам инспекторите за да ја примам петицијата и да ги видиме успесите на  Државниот пазарен инспекторат. Ние знаеме што постигна инспекторатот во овие три години и за време на пандемијата и колку во тоа придонел Пауновски, но процесот на распределба на административците кои не работеа е значаен. Потоа на седница на владата јас ќе ја потврдам својата намера за разрешување на Пауновски – рече премиерот.

Тој рече дека смета оти Пауновски не постапувал според законот и етичкиот кодекс.

– Сакам да кажам дека Пауновски е информиран за програмата К-5 со која се распределуваат административците, но тој не го сторил тоа што го барала Владата во одлуката, односно не ги усогласил актите за да можат да се прераспределат административците. Владата ќе постапи според законот. Со процесот на распределбата се решава децениски проблем. А превземањето на вработните нема импликации за буџетот, затоа што станува збор за лица кои земаат плата, а не одат на работа. Станува збор за законска обрска, за закон кој е донесен во декември 2020 година. Ова е обврска за сите, што се дел од институциите, особено за носителите на одговорните функции –  рече Заев.

Заев рече дека постои отворена можност и за промена на ставот по средбата со инспекторите и седницата на владата ако за тоа постојат аргументи.

– Сум бил цврст, но и толерантен и ќе ги слушнеме сите аргументи според кои ќе се донесе одлуката, но јас сум цврст на ставот што го кажав за негово разрешување. Сакам да се почитува законот, хиерархијата и етичкиот однос и поставеност спрема претпоставените  – рече Заев.

Премиерот прочита и делови од Законот за распределба на административците според кој Пауновски може да биде разрешен.

– Кога ќе се донесе одлуката ќе се каже и според кој закон – рече Заев.

 

Поврзани содржини