Заев: Груевски да се врати и да каже што има да каже оттука
Премиерот рече дека владата на СДСМ прифатила и продолжила проекти од владата на ВМРО-ДПМНЕ кои се полезни за државата, но не и „Скопје 2014“.
Никола Груевски да си дојде дома и да продискутираме, ако има што да каже, изјави денеска премиерот Зоран Заев запрашан за коментар на фејсбук-објавата на неговиот претходник од Будимпешта во врска со инвестициите.
– Груевски да си дојде дома, да продискутираме, ако има што да каже. Се што почнала минатата Влада и што е добро, ние го продолживме. Сите можеме да помагаме, но највеќе ако сме дома. Денес е демократија, слобода. Може екс-премиерот да си коментира секојпат како што мисли, тоа е негово право, но било поцелисходно да дојде дома и тука да ги прокоментираме идните развојни можности на државата – изјави Заев на прес-конференцијата во Бунарџик.
Тој додаде дека владата на СДСМ прифатила и продолжила проекти од владата на ВМРО-ДПМНЕ кои се полезни за државата.
-„Скопје 2014“ не го продолживме, зашто не беше добар проект. Но, инвестирањето во патиштата, ТИРЗ-овите, привлекувањето странски инвестиции и нивната натамошна поддршка ги продолжуваме – рече Заев.
Поранешниот премиер Никола Груевски, вчера на фејсбук ја коментираше токму инвестицијата на „Кемет елекроникс“ .
„Сигурно сегашната власт ќе сака да си препише барем дел од заслугата за ова втора фаза (втора фабрика) на Кемет Електроникс, но добро е да знаат дека да не беше рекламата на Си ен ен тие денес немаа да имат чуено за оваа американса фабрика“, напиша Груевски на Фејсбук.