ШОК ВО ДУИСБУРГ! Сензационална победа на Македонија над „големата“ Германија (ВИДЕО)
Погодоците на овој натпревар за Македонија ги постигнаа Горан Пандев и Елиф Елмас, додека за Германија од пенал прецизен беше Илкај Гундоган.
Репрезентацијата на Македонија во третото коло од квалификациите за Светското првенство со головите на Пандев и Елмас дојде до победа на гостувањето кај Германија со 1:2, погодокот на „панцирите“ беше дело на Гундоган од пенал.
Во 9. минута првата 100% шанса за Германците. Одлична акција по десната страна, Горецка осамен на 15 метри одлично шутира, но гредата од голот на Димитриевски спречува водство на домашната селекција.
Во продолжението, блокиран обидот и на Емре Чан во 14. минута, а во 27. минута Столе Димитриевски одлично го брани и шутот на Гнабри од извонредна позиција.
Во 32. минута повторно 100% шанса за Гнабри, осамен на десеттина метри откосо од десната страна, по додавање на Горецка, но шутира над голот на македонскиот голман.
И конечно првиот обид на македонската селекција кон противничкиот гол во 40. минута. Езгијан Алиоски изведен слободен удар од околу 30 метри од левата страна од аут-линијата, топката незгодно отскокна пред домашниот гол но Тер Штеген успеа да одбрани. Сето тоа, дополнето на крај во втората минута од судиското продолжение кога на извонреден начин со мајсторскиот гол на Горан Пандев дојдовме до водство од 0-1.
Репрезентацијата на Германија дојде до израмнување 1-1 на натпреварот против Македонија со погодокот на Гундоган од пенал во 63. минута.
Претходно, во 62. минута Алиоски стартуваше во шеснаесетникот врз Сане, иако се чини сето тоа на работ на прекршок, но рускиот судија покажа на белата точка. Сигурен реализатор Гундоган…
Македонија не доби шанса за ново водство на гостувањето кај Германија, откако рускиот судија Сергеј Карасев не покажа на белата точка.
По еден корнер на Енис Барди, со рака на првата статива играше Емре Чан. Тоа не беше санкционирано од страна на главниот судија, кој одмавна со рака. Наместо тоа, поради протест му покажа жолт картон на капитенот Горан Пандев.
Во самиот финиш од натпреварот Елмас носи предност за Македонија.
Одличен гол псотигнат во 85 минута. Адеми од левата страна додаде до Елмас кој што стрела во мрежата на Тер Штеген!
El gol de Elmas con el que Macedonia está derrotando a Alemania. ⚽️
Alemania 1 🆚 2 Macedonia
— Garra Sports (@GarraSportsMx) March 31, 2021
Во преостанатите два натпревари што вечерва беа на програмата во рамки на квалификациската група Ј, Ерменија со пресврт на домашен терен ја совлада Романија со 3:2, додека Исланд очекувано триумфираше како гостин против Лихтенштајн со 4:1.
Македонската репрезентација е втора по три натпревари има шест бодови, додека води Ерменија со максимални девет. Германија, исто така, има шест бодови, Исланд три, а Лихтенштајн е последен без бодови.
Мундијалските квалификации продолжуваат на 2 септември, кога избраниците на Игор Ангеловски во Скопје ја пречекуваат Ерменија.