Милошоски за мрачниот статус на Тричковски: Мои блиски луѓе се вознемирени, прочитале дека сум загинал
Во ова време на пандемија, смрт и семејни несреќи од кои сите сме загрозени, навистина е умоболно на било кое семејство или поединец да му злокобиш со желби за смрт, реагираше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, се пожали дека вчера му се јавувале негови блиски луѓе кои биле видно вознемирени откако го прочитале Фејсбук статусот на Бранко Тричковски во кој се вели дека пратеникот загинал во сообраќајка.
„Вчера ми се јавија блиски луѓе вознемирени од ‘веста‘ на Б.Тричковски, новинар платен од редовите на владеачката партија, напишал дека сум загинал во сообраќајка и згрозени од текстот. Што да се каже? Во ова време на пандемија, смрт и семејни несреќи од кои сите сме загрозени, навистина е умоболно на било кое семејство или поединец да му злокобиш со желби за смрт. Политиката е политика и не е чудно во неа да сретнеш и лични напади, и навреди, и шпекулации, и да се справуваш со тоа. Но, ова што го прави платеникот на пропагандниот тим на власта, е навистина мрачно и затруено со слепа омраза кон било кој поистакнат политичар кој ја критикува владата. А сеењето говор на омраза никогаш не донело ништо добро ниту на извршителот кој ја шири омразата, ниту на политичарите кои ја нарачуваат ваквата некрофилија. Ова не е ниту демократски, уште помалку човечки чин, а на Македонија само ѝ создава лош имиџ пред ОБСЕ и ЕУ, како држава во која хибридниот режим злоупотребува ментално нестабилни платеници за да предизвикуваат трауми кај семејствата на политичките неистомисленици. Дно!“, пишува Милошоски.
Да се поднесува пријава до Обвинителството или до МВР за ваквата морбидна некрофилија, во време кога и двете овие институции се дел од хибридниот режим на власта, додава тој, нема многу смисла.
„Но, корисно би било и за сегашните властодршци да сфатат дека политичката битка не треба да биде изговор за да се погази минимумот на човечки однос кон било кого на јавната сцена. Во целиот овој зломрачен нарачан напад сепак најмногу ми значеше поддршката од најблиските во семејството, од пријателите, но и неколкуте јавувања и пораки од мои познаници во СДСМ , кои иако не јавно, сепак најдоа за сходно лично да се оградат од морбидната некрофилија на Тричковски. Им благодарам на сите нив. Животот, семејствата и пријателствата се сепак посилни од некрофилија на јавната сцена. Посакувам многу здравје и добри мисли на сите“, напиша Милошоски на Фејсбук.
И актерот Сашо Тасевски реагираше за статусот на Тричковски.
„Овој инТЕЛЕктуалецот, планирате да го вакцинирате и да го врзете или уште ќе шета невакциниран и без корпа на муцката? Сите граници го помина. На што личи ова?“, напиша Тасевски.