Заев и Мицкоски сега го прават она што најдобро го умеат – ги следат своите политички инстинкти
Немаме достаточно обединувачки сили во Македонија. Денес немаме ни доволно зрели луѓе во политиката, за такви грандиозни потфати. Единствено што имаме сега е растечка свест кај разумните луѓе дека јазот на поделбите некако мора да се премости. Штом тоа некако стасало до главите на Заев и Мицкоски, надежно е...
Зоран Заев и Христијан Мицкоски денеска постигнаа важен политички договор. За тоа треба јавно да им се честита. На двајцата.
Пописот е одложен до септември. Паметна одлука, здравјето на луѓето сепак е поважно од инаетот, од тоа кој кому и што ветил и кој што очекува од резултатите од пописот.
Постигнат е договор и за други важни политички прашања. Пред сè за деблокада на парламентот, за обнова на политичкиот дијалог.
Средбата и постигнатиот договор покажуваат дека двајцата лидери, полека но сигурно, се соочуваат со реалноста. И секој со сопствениот дел од одговорноста за длабоко поделеното општество и за фаталната компромитација на системот во кој ништо веќе не функционира онака како што посакуваме и како што треба.
Двајцата лидери сега имаат и многу пореалистични проценки на сопствените сили и капацитети. На сопствените предности, се разбира, но и на слабостите.
Христијан Мицкоски, кој сега и официјално е легитимиран како лидер на опозицијата, очигледно сфатил дека власта не може да се добие со некаков блиц криг во парламентот, со трик, или едноставно, со аритметичка промена на односот на силите во претставничкото тело. Тоа така не оди.
Мицкоски сега знае дека ништо не е така едноставно. Демократијата е комплицирана, битките секогаш се со неизвесен исход. А власта, легално и легитимно, се добива или се губи на избори. Прва и основна лекција за политиката во демократските земји, важи и за младите и недооформени демократии, за хибридните режими.
Зоран Заев изгледа конечно сфатил дека мора да се откаже од намерата да го „реформира“ ВМРО-ДПМНЕ. И дека ништо не добива ако се испазари со фракцијата во оваа партија, која не може ни de jure, а ниту политички да се легитимира. Зошто да троши ресурси и да полага надежи во безизгледни операции и шеми?
Премиерот научил дека не може да произведе опозиција каква што нему ќе му одговара. И сфатил дека ако сака да владее и да има функционален законодавен дом, мора да води политички дијалог со опозицијата легитимирана на избори и со неа да прави компромиси.
Се сеќавам, во 2014 година, после изборната кланица, го убедував Заев да го напушти парламентот. Тој тоа и го стори, во последен миг. Мојот главен аргумент беше прецизен и историски потврден – никој, па ни Груевски, не може долго да владее без партиципација на опозицијата во парламентот. Тој 15-месечен бојкот на Собранието од страна на опозицијата беше почеток на делегитимирањето на режимот на Груевски.
Пред тоа, во 1994 година, Бранко Црвенковски се обиде да владее без опозиција и на локалните избори во 1996 година веќе беше најавена промената на власта, што се случи на парламентарните избори во 1998 година.
Зошто никој ништо не учи од нашата кратка, но богата политичка историја?
Заев можеби е ваков или онаков (да не го карам денеска, кога му честитам за компромисот), но тој сепак е zoon politikon, политичко животно што мора да го следи својот инстинкт. А не советите на неговите неопитни и забегани советници и пустите неостварени желби на неговите недугави пропагандисти.
Со денешниот договор, Заев им се „попиша“ на главите на тричките и на партиските ботови. Со право. Им покажа што мисли тој за нивните панигирици, за нивните ежедневни трактати кои киптат од нетрпеливост кон политичките противници, од говор на омраза и од инфантилен триумфализам. Им прати шефот јасна порака колку вредат нивните „анализи“, кои не се ништо друго освен проекции на нечии лични фрустрации и глупави егзибиции.
Заев на асовите на таа булумента денеска им порача јасно и гласно – еве до каде дотеравме одејќи по вашиот ум, будали едни!
Лидерот на СДСМ знае дека ВМРО-ДПМНЕ не е умрена и дека нема да умре. Напротив. Односот на силите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на локалните избори е пресек меѓу резултатот од последните претседателски и резултатот од последните парламентарни избори. А тоа значи дека на локалните избори пак ќе се бие тешка и неизвесна битка за гласовите на избирачите.
Освен тоа, жестоко напредува Левица. Локалните избори се одлична шанса и за промоција на помалите партии, но и на независните кандидати за градоначалници и на независните советнички листи. Се чини дека овој пат картите добро ќе се измешаат и дека ќе биде тешко да се пронајдат џокери во шпилот и кецови во ракавот.
Да сумираме.
На Заев очајно му треба некој со кого ќе ја сподели одговорноста за наталожените општествени проблеми и особено за новите предизвици со кои ќе се соочи Македонија. Ако не најде сојузници, тој ќе пропадне. Ништо друго не го вади од калта. Ни попис, ни избори, ни НАТО ни ЕУ, баш ништо!
Затоа Заев сега интензивно размислува за идејата сите најважни политички фактори да се обединат во напорите за пронаоѓање единствени решенија за најтешките проблеми што ја мачат Македонија. Да може сам да ги реши, сигурно не би барал помош од никого, најмалку од Мицкоски. Но, не може. Освен ако не одлучи да изврши политичко самоубиство. И тоа од заседа.
И најважното прашање… Имаме ли ние сили за едно такво обединување? Ќе биде ли можно да се изгради единствена платформа за некако да се преброди спорот со Бугарија, на пример?
Не, во моментов сме далеку од такво единство. Немаме достаточно обединувачки сили. Денес немаме ни доволно зрели луѓе во политиката, за такви грандиозни потфати. Единствено што имаме сега е растечка свест кај разумните луѓе дека јазот на поделбите некако мора да се премости. Што побрзо, тоа подобро.
Јас не сум баш голем оптимист за брзината, да си кажам отворено. Мислам дека за да стасаме на целта ќе ни биде потребно темелно рекомпонирање на политичката сцена, што можеби (дај боже) ќе биде навестено на локалните избори, а би се довршило на следните парламентарни избори.
Но, ајде да не брзам со предвидувањата. Полека, кроце по кроце. Сė ќе биде, само нас нема да нè биде еден ден…