Туристичките работници бараат помош за февруарска плата и без законско решение
По затворањето на границите, заострувањето на мерките и немањето вакцини, секторот стравува од неможноста за работа и оваа летна сезона.
Туристичкиот сектор бара финансиска помош за опстанок и ликвидност на компаниите, како и исплата на ветената поддршка за февруарските плати.
Оттаму наведуваат дека за една година прометот во туристичките агенции е паднат за 90 отсто. Тие велат дека туристичките водичи седат дома, автобусите на превозниците се паркирани, а хотелите зјаат празни.
Секторот стравува од неможноста за работа и оваа летна сезона бидејќи границите се заоструваат мерките, а нема ниту вакцини.
-Туристичкиот сектор бара исплата на платите ветени за месец февруари, а се уште не поминати на Собрание, веднаш. Помошта со исплата на плати да продолжи до моментот до кога ќе биде потребна. Ако не се добие помошта, сите чинители во оваа дејност ќе почнат со работа во други дејности и потоа ќе бидат потребни години за повторно да се врати оваа гранка во живот. Веќе многу туристички работници, водичи, вработени во хотели и во туристички агенции почнуваат да работат на други позиции, а прашање е дали после пет години ќе се вратат со истиот ентузијазам и квалитет во туризмот, се наведува во соопштението од туристичките работници.
Тие велат дека затворањето на туристичките агенции зависи од слухот на државните институции за континуирана помош.