Стоилковски: Дали зад милионските тендери во здравство на „Кубис Медикал“ се крие „Синерџи“ на Филипов?

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека „Кубис Медикал“ во последните три години добила државни тендери во здравството од 5 милиони евра.

1,947

ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека министерот за здравство Венко Филипче создава нова здравствена мафија преку фирмата „Кубис Медикал“ зад која, како што беше речено на денешната прес-конференција стои фирмата „Синерџи“ на Горан Филипов.

Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ информира дека министерот Филипче преку оваа фирма испумпал 7.000.000 евра преку тендери.






Тој праша дали зад фирмата „Кубис Медикал“ која добива најголем број тендери во земјава се крие фирмата „Синерџи“, на Горан Филипов, партнерот на Филипче со кој што неговата тешта гради куќа на падините на Водно?

– Здравството и буџетот на министерството наместо за подобрување на условите во болниците, набавка на вакцини и лекови, се користат за тендер шеми и богатење на поединци. Не е чудо што сѐ уште нема вакцини, кога ќе погледнеме дека министерот за здравство е зафатен со потпишување на тендери. Создава ли Филипче нова здравствена мафија, на чие чело е самиот тој и неговата фамилија, како и неколку семејства во чиј посед се веледрогерии и фармацевтски гиганти? Филипче гради бизнис империја на неколку поединци, чии што врски одат директно до него – рече Стоилковски.

Тој наведе дека фирмата миленик на Филипче, Кубис Медикал, во последните три години добила државни тендери во здравството од 5.000.000 евра.

– Тоа е истата таа фирма, на која Филипче и потпишал одлука за набавка на томографи за 15 милиони поскапи од првично понуденото од истата.Филипче наместо да потпишува тендери, да каже до каде се вакцините, зошто на крај ќе има одговорност и за сите матни тендери што ги потпишал, но и за ненабавката на вакцини – рече Стоилковски.

Поврзани содржини