Тарандилис: Имаше гужви и редици пред продавниците, бидејќи се почитуваат мерките во внатрешноста

260

На трговските улици имаше гужва и редици, токму затоа што во внатрешноста на продавниците се почитуваа мерките и ситуацијата беше многу добра, рече портпаролот на грчката Влада Христос Тарандилис, коментирајќи ги гужвите пред продавниците за време на викендот, како во Атина, така и во други грчки градови.

Тој објасни дека оцената е дека граѓаните се придржуваат до мерките, односно дека носат користат маски, го одржуваат потребното растојание испраќаат смс пораки, согласно предвидените правила.






– Ситуацијата што ја видовме на трговските улици беше многу добра. Пред се, се почитуваа мерките во внатрешноста на продавниците. Причината поради која што надвор имаше редици, е токму затоа што мерките се почитуваа во затворените простори. Она што е важно е дека огромното мнозинство граѓани во редиците ги почитуваа предвидените мерки и луѓето носеа маски – рече Тарадилис и додаде дека „луѓето се апсолутно свесни дека мора да се придржуваат до мерките“, за да нема враќање назад.

Министерот за развој и инвестиции на Грција Адонис Георгиадис, преку неговиот „Твитер“ профил рече дека ја следат ситуацијата со гужвите и доколку е потребно, постои план.

– Министерството за развој и инвестиции на Грција внимателно ја следи раздвиженоста на пазарот. Бизнисите целосно ги почитуваат мерките  и им благодарам за тоа. Сите купувачи носат маска, нешто што е клучно. Сликите со гужви се исклучок и доколку биде потребно, имаме план – напиша Георгиадис на „Твитер“.

Како што во саботата објави МИА, пренесувајќи ја во живо атмосферата од центарот на Атина, огромен број граѓани го искористија за шопинг првиот викенд откако беше отворена малопродажбата и создадоа големи редици пред продавниците.

Поврзани содржини