Фатиме Фетаи му се извини на Трајко Вељаноски за шпекулациите дека бил поврзан со случајот „Монструм“
За жал, насловот на овој текст е лажна вест. А не треба да биде. Тажно е што во исконструирани приказни во медиумите и на социјалните мрежи овој човек овој човек беше доведуван во врска со петкратното убиство кај Смилковско Езеро. А сега за него нема ни едно „извини“.
За жал, насловот на овој текст е лажна вест. А би било убаво да не е…
Никој не му се извини на Трајко Вељаноски за шпекулациите дека е поврзан со случајот „Монструм“. Ама баш никој!
Денеска, во завршницата на судскиот процес, обвинителката Фетаи кусо, службено и бесчувствително кажа: „Треба да се побие и шпекулацијата дека жртвите наводно се познавале со синот и со ќерката на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски. Се шпекулираше дека имале честа дружба и дека поради тоа биле убиени. Но, до овој момент не беше приложен доказ, ниту имаше индиции дека убиените деца се познавале со деца на функционери и дека наводно имале нерасчистени сметки“.
Требало да се побие шпекулацијата? Чија „шпекулација“? А што треба да се прави со тие што „шпекулирале“, а посебно и со тие што ги охрабрувале „шпекулациите“?
Треба да се побие и зборот „шпекулација“, кој е еуфемизам за една друга фраза, која многу попрецизно кажува за што станува збор овде – грозна лага!
Патем речено, сведочејќи пред судот, лани во февруари токму Зоран Заев кажа дека не видел докази за приказната дека Велјаноски има било каква врска со жртвите на масакрот кај Смилковско Езеро. Фатиме Фетаи беше обвинител во овој случај само затоа што тој бил спомнуван во нелегално прислушуваните разговори, кои Заев му ги предаде на Специјалното јавно обвинителство. Ако Заев не видел докази и ако тој тоа го кажа пред една година, зошто Фатиме Фетаи дури сега ја отфрли таа грозна лага, нарекувајќи ја „шпекулација“?
Вељаноски остана доследен на својот однос кон оние кои со години ги напаѓаа и ширеа лаги за него и за неговото семејство. Свесен дека неговата сепак е многу помала од болката на родителите на убиените деца, Вељановски доблесно изјави: „За жал, ова е македонската политика. Лузните остануваат, а на тие што ја измислија приказната, нека им служи на чест“.
А што друго да каже? Та не може сам на себе да си каже „извини“!