Кој бара во медиумите да се забранат зборовите идентитет, македонска историја, татковина?

Сведоци сме на нов изблик на жесток антимакедонизам во Македонија, обид да се омаловажи и да се цензурира македонското национално чувство. До кога ќе молчиме пред цензорите? До кога ќе се вадат на лудило?

8,895

„Македонија е единствена држава во која власта се зафаќа со радикални исчекори, а комплетната медиумска структура е под контрола на опозицијата и тоа на најдеструктивната, најзлобната, најмрачната опозиција која низ политиките на перманентен пуч, всушност, води специјална војна против Македонија“.

Автор на оваа кардинална глупост е човек кој секој ден на Фејсбук пишува пофални слова за „добрите“ луѓе од власта и за нивните апологети во медиумите и на социјалните мрежи и злобни филипики против првите луѓе на, како што вели, „најдеструктивната, најзлобната, најмрачната опозиција“, како и против критичарите на власта. Станува збор за човек кој се самопрогласува за филозоф и писател. Неговата „филозофија“ се сведува не само на оспорување, туку и на отворено отфрлање на сите атрибути на македонскиот национален идентитет, на нагласена нетрпеливост кон единствениот познат опозициски „режим“ на денешницата („режимот“ на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ) и на една патолошка пизма кон сите луѓе коишто „списатељскиот“ дух на овој маратонец што го трча својот последен круг ги препознава како свои непријатели. Нормално, целиот тој патолошки „поглед на свет“ не може поинаку да се артикулира освен со простачки и вулгарен речник, тампониран со енормни дози на цитатоманија, веројатно да се воодушеви булументата лајкачи, составена главно од неписмени и необразовани партиски ботови и апологети.






Кога проблемот на тој најпрославен автор на владината пропаганда, често субмисивно именуван и со прекарот „национале“, би се свел на блуениците што ги истура врз луѓето што ги мрази, не би имало причини за загриженост и веројатно овој текст би бил одвишен. Неодамна, на пример, овој шутрак, во статус на Фејсбук, јавно го сподели своето разочарување што не сум бил умрен и што короната не ме утепала (за да нема дилеми на што конкретно мисли, „писателов“ прецизирал дека мислел дека сум „физички умрен“). Се разбира, го отфрлив советот на еден адвокат да сум го пријавел овој, како што го нарече, „инцидент“. Кому да пријавам? Во Бардовци? „Ма пушти ја будалетинката нека ужива – му реков на пријателот. – Ако го видиш во Корзо, плати му еден џејмисон од мене, за да не мора да се резили и себе и локалот што често го споменува“.

Навистина, бесмислено е човек да расправа за личните атаци на овој добро познат и во јавноста веќе идентификуван принц на говорот на омразата. Но, неговата дијагноза дека во Македонија „комплетната медиумска инфраструктура е под контрола на опозицијата“ заслужува должно внимание. Меѓу другото, затоа што сум го слушнал ова и од други луѓе. Од битни луѓе. Ама и од луѓе разочарани од фактот што медиумите и новинарите од „првата борбена линија“ не успеваат во својата света мисија оваа наша ѓаволска а нејака опозиција да ја прогласат за „режим“, за ултимативен извор на лажни вести, та дури и за сопственик на некакви магични ресурси со кои ги контролира најсилните медиуми.

Можно ли е тоа? Вистина ли е? Се разбира дека тоа ниту некогаш било, ниту е, а ниту ќе биде можно. Само оној во чии раце се лостовите на власта, може да оствари ефикасна контрола врз медиумите. Никој друг!

Вистината е најсилниот „медиум“

Но, дека власта има проблем со медиумите, тоа сепак е точно. Тоа е истиот проблем што не можеше да го сфати и да го реши и Никола Груевски, на пример. Иако во зенитот на моќта, пред демисијата и пред бегството од Македонија, Груевски објективно имаше остварено доминација во сите  медиуми сегменти (весници, телевизии, портали), тој ја потцени моќта на вистината. A таа е најважниот „медиум“.  Да, лагата е побрза. Не попусто се вели, додека вистината да ги обуе чевлите, лагата ќе прошета половина свет. Да, вистината по правило се конституира како малцинско мислење, често и како ерес. Но, откако ќе помине процесот на „ферментација“ на фактите, вистината секогаш победува. Една таква тажна вистина, на пример, која победи наспроти силната желба на сдсмовската пропаганда да се прикаже како демократски рај, е тоа што светот Македонија сè уште ја есапи за недооформена демократија, за хибриден режим.

Вистината доминантно влијае и врз изборното расположените и затоа пропагандистите од вирусниот сој на нашиот дрвен „филозоф“ не можат да се смират, паничат и ја повикуваат власта на акција. „Не можеме – пишува – за тоа да ја обвинуваме само опозицијата, а власта која го препуштила тој простор да ја сметаме за демократска“.

И? Што треба власта да стори во секторот што божем го напуштила и во кој опозицијата наводно има „контрола“? Во својата колумна објавена на „првата борбена линија“, водечкиот апологет на власта се залага за „професионална рехабилитација“ на новинарството, кое инаку постојано го омаловажува и го навредува. Тој знае дека неговите славни анални метафори и вулгарности објавени во интернет медиум подлежат на каква-таква саморегулација од страна на новинарските здруженија (и тоа му пречи, затоа и здруженијата постојано ги напаѓа), па затоа не се осмелил во медиумот да ја разработи тезата за „професионална рехабилитација“. Тој проект, во кратки црти, е опишан во пост на Фејсбук, каде што неговиот еготрип доаѓа до полн израз.

Будалетинката би сакал да забрани сѐ што е македонско

Така, во еден пост, авторот им раскажува на своите фанови за една одлука на „Лос Ангелес Тајмс“ од 1994 година, со која тој медиум забранува за употреба една поголема група погрдни изрази, кои се идентификуваат со политички некоректен говор и и со она што денес се нарекува говор на омраза (станува збор за зборови како хендикепиран, инвалид, распуштеница итн). Нашиот „генијален“ мислител, инспириран од оваа саморегулаторна постапка на американскиот медиум, предлага листата на забранети изрази кај нас да се прошири со следните зборови и фрази. Цитирам: „Идентитет, национални интереси, национална историја, културно наследство, македонска академија (за што било), македонско радио, македонска телевизија, македонска наука, македонски спорт, македонска репрезентација, автентична македонска историја, мојот народ, партијата секогаш ќе биде со својот народ, вмро, вмро-дпмне, умирање за татковината, татковината“.

Образложение на цензорот. Цитирам: „Затоа што се манипулативни изрази без реална содржина, односно како комбинација ги компромитираат нормалните човечки активности и научните и техничко-технолошки дострели на хомо сапиенсот“. И уште еден предлог на дрвениот „филозоф“: „Се разбира и тука ќе треба да се формира некоја комисија која ќе ги сумира идеите што во оваа насока ги имаат другите луѓе, па да направиме едно прочистување на јазикот и култивирање на јавниот дискурс“.

Замислете!

Не, драги мои, ова не е само уште еден вербален инцидент, чие финале треба да биде една голема чуденка, згрозување или евентуално реторско прашање каков е тој човек кој сака во Македонија да се забрани да се пишува и да се зборува за идентитет, за национална историја, за културно наследство, за татковина итн. Не, прашањето каков е тој човек е апсолутно небитно, а и не е реторско. Сјебан човек, нормално, што има тука да се објаснува? Тоа што јас своевремено направив крупен превид во проценката на неговата елементарна човечка способност да се воздржи од потребата во своите колумни да го преточи најлошото од себе и што во име на мојот отпор кон цензурата имам објавено најмалку дузина негови тешки говњарии од писанија (да се послужам малку се неговиот „филозофски речник“), тоа е мој проблем, моја вина, а не важно општествено прашање.

Македонскиот идентитет и македонскиот јазик се „усрани“?!

Вистинското прашање е каква е оваа држава, во која на ваков дрзок начин се заговара брутална цензура каква што немало ни во времето на едноумието, а при тоа отсуствува силна реакција на нашите слободоумни автори и мислители, на луѓето од перо и на либералните политичари? Камо некој да се огласи против овој жесток антимакедонизам, против обидот јавно да се забранат патриотизмот и љубовта кон татковината, против идејата од јавниот дискурс да се изгонат македонскиот национален идентитет и нашата самобитност, против дрскоста со која авторот зборува за „усраноста за македонскиот идентитет и јазик“? Ова последново, да нагласам, е објавено во неговата колумна, објавена на порталот чија политичка ориентација, случајно или не, речиси целосно се совпаѓа со политиката на владејачкиот СДСМ.

Другарки и другари, дали и вие сте убедени дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик се „усрани“?!

Не, овде некој друг ќе да е усран!

Идејата за „професионална рехабилитација“ на македонското новинарство, што би ја спровеле пропагандисти кои мојот јазик го сметаат за „усран“ и кои ќе ми забранат да ги употребувам зборовите „идентитет“, „татковина“ и другите од листата на „филозофот“, е политички атентат врз слободната мисла. Тоа што атентаторот е недоветен не ја прави неговата идеја безопасна. Напротив. Патем речено, неговиот проект оди рака под рака со голем дел од најавените институционални активности за божемна „борба против лажните вести“ и „медиумско описменување“. Тоа се гледа од авион!

Сето тоа заедно е еден гнасен обид за воведување цензура. Јас се согласувам дека постои потреба за вистинска медиумска рехабилитација на новинарството, за вистинска борба против лажните вести, а дефинитивно и од поголема медиумска писменост. Но, она што сега го прават владата и некои наши богати невладини организации, а особено она што предлагаат поединци како нашиот самобендисан „писател“, всушност е класична пропаганда и кршење на член 16 од Уставот.

Вистината за овој обид за пуч врз слободата на говорот во нашата татковина ја увидуваат сè повеќе новинари, интелектаулци, граѓански активисти, обични луѓе Верувам дека наскоро ќе се оформи и демократски притисок и бунт од страна на засегнатите индивидуи и медиуми, од субјектите на кои им се заканува и перфидна, но и груба цензура, со цел цензорите да откажат од своите налудничави идеи и активности. Хибридниот режим мора да се реформира и да ги реафирмира вредностите за кои македонските независни новинари и интелектуалци водеа успешна битка пред речиси три децении, некаде во средината на деведесеттите.

Цензурата не смее да помине!

 

Поврзани содржини