СЗО: 95% од ковид-вакцините се дистрибуирани во само 10 земји

Сите заедно не смееме да си дозволиме да оставиме зад себе ниту една земја и заедница без да им дадеме пристап до вакцината - рече Клуге.

860

Шефот на европскиот огранок на Светската здравствена организација (СЗО), Ханс Клуге, изјави во Копенхаген дека 95% од досега произведените вакцини за коронавирусoт се дистрибуирани во само 10 земји во светот, па затоа повика на поправедна дистрибуција.

Кога станува збор за земјите што досега набавиле вакцини според количината на дози водат САД, Кина, Велика Британија, Израел, Обединетите Арапски Емирати, Италија, Русија, Германија, Шпанија и Канада.






– Сите заедно не смееме да си дозволиме да оставиме зад себе ниту една земја и заедница без да им дадеме пристап до вакцината – рече Клуге.

Тој исто така изјави дека СЗО и нејзините партнери во програмата „КОВАКС“ прават максимални напори да се достават вакцини во секоја земја, додавајќи дека сите мерки во борбата против пандемијата мора да се засноваат на основните хуманистички вредности – солидарност, еднаквост и социјална правда.

Според последните податоци, досега се употребени околу 32 милиони вакцини, а Клуге потенцираше дека во европскиот регион опфатен со СЗО, од 53 земји, 31 започнале со програми за вакцинација.

Сепак, и покрај почетокот на овие кампањи, Клуге верува дека загрижувачката е брзината на пренесувањето на новиот вид на вирус кој што се смета за позаразен.

Во европскиот регион, вклучително и Русија, 25 земји идентификуваа случаи на новиот вид откриен во Велика Британија.

– Досега знаеме дека овој вид не придонесува за значителни промени во ковид-19, што значи дека нема поголема опасност. Сепак, ние сме загрижени од две причини – оваа варијанта има поголема стапка на пренесување, а од друга страна, не знаеме како ќе влијае за ефективноста на вакцините – додаде Клуге.

Сепак, тој рече дека има простор за оптимизам.

– 2021 година ќе биде уште една година во која ќе се бориме против коронавирусот, но ако ништо друго, тоа ќе биде попредвидливо, така што ситуацијата ќе биде полесна за контрола – рече Клуге на крајот.

Поврзани содржини
na