Во домот на улицата Максим Горки бр. 80 во Велес, синоќа во 21:30 е родено првото бебе во Велес годинава од мајката Симона Панова (23). Мајката сама се породила дома и на свет донела здраво и живо женско бебе тешко 2.980 грама и долго 51 сантиметар.
Била повикана Итна медицинска помош која само констатирала дека бебето е веќе родено и по што бебето и мајката биле транспортирани со возило на Итна помош на Гинеколошко-акушерското одделение при велешката Општа болница, информира за МИА, д-р Василка Панова Поп Стефанова началничка на Итна помош при ЈЗУ Здравствен дом.
Како што информира за МИА д-р Елеонора Јованова, портпарол на ЈЗУ Општа болница, мајката и бебето од доцна синоќа се сместени на нивното Гинеколошко-акушерско одделение и двете се во добра здравствена состојба.
На 23-годишната Симона Панова и нејзиниот сопруг Љупчо Митров ова им е прво бебе.
Во велешката болница лани се родени 413 бебиња од кои последните две родени на Гинеколошко- акушерското одделение се машко и женско бебе, родени на 30 декември. Во декември биле родени 31 бебе.
Споредено со претходната 2019 година кога се родиле 473, лани има за 60 бебиња помалку.
Д-р Василка Пановска Поп Стефанова информира дека и пред еден месец во домашни услови се породила жена во Градско, а на која тоа и било четврто бебе.