Осум години од „црниот понеделник“ – научивме ли дека во секој од нас се крие слободар, но и насилник, цензор и фалбаџија?

Во пораките на лидерите на СДСМ по повод настаните од 24 декември 2012 година, за жал, се уште доминира духот на поделбите и нетрпеливоста кон политичкиот противник. „Режимската матрица“ за која зборува премиерот Заев не е карактеристика само за партијата ВМРО-ДПМНЕ од  времето на груевизмот, туку за сите партии што сметаат дека власта им е „од бога“ дадена и дека имаат монопол на вистината.

1,975

24декември 2012 година е датум меѓник во поновата македонска историја. Денеска се сеќаваме на „црниот понеделник“, дел од нас и како актери на драмата во и пред македонскиот парламент, драма која означи пресврт во сензибилизирањето на јавноста за прашањата на слободата на говорот, демократијата и медиумските слободи. На тој ден, овие прашања, за кои вообичаено зборуваме од интелектуална дистанца и ги доживуваме како апстрактни вредности, добија конкретен лик, грч на лицата на десеттина илјади луѓе пред зградата на парламентот.

Да се потсетиме. Додека во Собранието опозициските пратеници на СДСМ со класични методи на филибастеринг се обидуваа да го спречат донесувањето на буџетот за 2013 година, партијата пред собраниската зграда организираше мирни протести. За жал и за срам на тогашната власт на Никола Груевски, опозиционерите се судрија со полицијата и пред парламентот, но и во собраниската зграда, што беше настан без преседан. Собраниското обезбедување употреби насилство и против новинарите во собраниската галерија, отстранувајќи ги за да не сведочат за срамните сцени.






„Опозицијо – напишав тогаш – главата горе, ова е голем пораз и срам за диктаторот Никиола Груевски! Денеска режимот до крај е соголен. Пратениците на опозицијата беа отстранети со сила. Македонскиот парламент е убиен. Цензурата врз новинарите се спроведе и со физичко насилство. Македонија гледа диктатура во акција. ‘Победата’ на македонскиот диктатор Груевски е Пирова победа. Борбата продолжува. Од денеска, никој веќе не е рамнодушен. Македонија веќе не е истата земја во која се разбудивме утринава“.

Коментари и анализи за „црниот понеделник“ се нижеа и во годините потоа, означувајќи го, со право, овој ден за пресвртен за развојот на македонската демократија. За жал, неколку години подоцна, на 27 април 2017 година, повторно гледавме сцени на ужас и насилство во македонскиот парламент.

Денеска, осум години по „црниот понеделник“, премиерот Зоран Заев, со пост на Фејсбук, вака ги оцени настаните од 24 декември 2012 година:

„Слободата и демократијата немаат цена. Пред осум години, на денешен ден беше нападната македонската демократија, пратениците и Собранието под удар на режимската репресија. 24 декември, црниот понеделник е паметник за вистинското лице на насилничката, режимска матрица на ВМРО-ДПМНЕ. Таквиот однос кулминираше години подицна, на 27 април, со насилниот упад во законодавниот дом и обидот за убиство на пратеници, новинари и вработени во Собранието. Денеска, осум години подоцна многу работи се променети во нашата татковина. Собранието денеска е дом каде царува дебатата, а не насилството. Ја живееме слободата. Новинарите слободно и независно известуваат, пратениците слободно работат, без стрв од упади и насилни исфралања. Редот, правдата и дисциплината се нови вредности“.

Се огласи и министерот за надворешни работи Оливер Спасовски: „Да не се заборави и никогаш да не се повтори! Овој ден е потсетник на вистинското криминално и насилничко лице на ВМРО-ДПМНЕ. Народот не заборава. Режим никогаш повеќе!“.

Во пораките на лидерите на СДСМ, за жал, се уште доминира духот на поделбите и нетрпеливоста кон политичкиот противник, а некои поуки, за жал, не се извлечени. На пример, се заборави на обидот во годините по 2012-та, кога избија судири меѓу групите наречени „бранковисти“ и „заевисти“, да се ретушира историјата. Во следните одбележувања на „црниот понеделник“ се минимизираше улогата на поранешниот лидер Бранко Црвенковски и на неговите привразаници. Се случи дури и она што мислевме дека веќе нема да се случува – од некои фотографии од пробивот на полицискиот кордон пред парламентот, кој заедно го предводена Црвенковски и Заев, поранешниот лидер на СДСМ едноставно исчезна.

Но, тоа веројатно и не е најважното. Главната поука од 24 декември 2012 година е дека и филибастерингот и сличните обиди на спречување на работата на парламентот, се додека се во рамките на ненасилното поведение, се легитимни методи на политичка борба и во една развиена демократија. За жал, ние буквално до вчера слушавме разгоропадени изјави на луѓе од власта, во кои се тврдеше дека опозицијата сака да ја остави Македонија без буџет, со поднесување екстремно многу амандмани и со методи на филибастеринг. Тие изјави што ги слушнавме ни кажуваат дека „режимската матрица“ за која зборува премиерот Заев не е карактеристика само за партијата ВМРО-ДПМНЕ од  времето на груевизмот, туку за сите партии што сметаат дека власта им е „од бога“ дадена и дека имаат монопол на вистината.

Да, Македонија денеска е послободна од периодот пред осум години, но се унапредуваат и генералните стандарди, па затоа угледни меѓународни организации денес нашата земја ја рангираат како хибриден режим, во кој слободата на изразување и медиумските слободи не се на потребното ниво за претендент за членство на Европската унија. Лично мислам дека оваа влада, во соработка и со одлучувачко влијание на опозицијата, треба да избира медиумски омбудсман, чија задача ќе биде институционална борба против цензурата, одбрана на тешко освоените медиумски слободи и постојани напори да се унапреди правото на новинарите да известуваат и да коментираат слободно. Сите ние би сакале да биде така како што Заев не убедува дека е (дека во медиумската сфера тече мед и млеко), но фактите зборуваат и за постојани цензорски притисоци, закани и уцени врз одделни медиуми и врз новинари, за жал често и под мотивот на борбата против лажните вести и ширењето на медиумската писменост. Насилствата врз новинарите од 24 декември 2012 година веројатно нема да се повторат, но не треба да се заборави дека еден значаен сегмент од медиумската индустрија и денес се бори за опстанок, за повеќе слобода, за правото на слободно известување и критика на власта.

Македонија после 24 декември 2012 година навистина веќе не е иста земја. Тој ден јавноста силно се сензибилизираше во одбрана на демократрските вредности. И тоа е голема придобивка за оваа земја. Но, патот до остварување повисоко ниво на слободи и демократија не е дооден. Македонија ќе мора уште многу да работи да ги исполни стандардите на развиените земји на ЕУ. А ќе беше многу попристојно и поодговорно денеска за тоа да дебатираме, наместо власта да се фали со скромните достигнувања, а за слабостите, повторно, по кој знае кој пат, да ја обвинува „режимската матрица“ на опозицијата.

Поврзани содржини