ЌЕ ГИ ИЗГОРИМЕ ОНИЕ ШТО ГЛУМАТ МОТОРЏИИ Тошковски им се закани на оние што возат пребрзо, на едно тркало и без кацига
Ќе останат и без мотори и без можноста да глумат дека се моторџии, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Полицијата ќе ги засили контролите во градските средини, со посебен фокус на возачите на мотори кои не ги почитуваат сообраќајните правила и претставуваат ризик за безбедноста во сообраќајот, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тошковски рече дека има разлика меѓу вистински моторџии и оние кои глумат моторџии.
– Тие кои се вистински моторџии во град не ги прекршуваат сообраќајните правила. Тие се посветени за почитување на сообраќајни правила, особено во град, бидејќи ги знаат последиците кога не ги почитуваат – рече Тошковски.
Мерките нема да се насочени кон оние што возат со кацига, со соодветна брзина и ги почитуваат правилата, туку кон возачите кои возат опасно.
– Ова не се однесува на тие кои возат со кацига, со соодветна брзина… А најавувам за тие кои глумат дека се моторџии, односно возат мотор без кацига, со далеку поголема брзина, поминуваат на црвено светло, го креваат моторот на едно тркало и мислат дека „Сејф сити“ не ги детектира – МВР ќе биде фокусирано на нив, особено во градските средини – рече министерот Тошковски.
Тој порача дека токму ваквите возачи ќе бидат главен таргет на полицијата во наредниот период.
– Слободно можам да кажам дека ќе ги изгориме! Ќе останат и без мотори и без можноста да глумат дека се моторџии – најави Тошковски.
Министерот оцени дека станува збор за возачи кои со своето однесување создаваат сериозна опасност во сообраќајот.
– Ќе бидат таргет оние што употребуваат мотори надвор од закон. Затоа што тие се најголем ризик да отепаат некого – рече Тошковски.
Министерот упати пофалби до моторџиите кои ги почитуваат правилата.
– За вистинските моторџии секоја чест и поздрав – додаде министерот.