Свети Кирил, Свети Климент и „Света“ Мила
Да не се лажеме, возрасни сме, спојувањето на наставните предмети не е никаква образовна реформа или некаков „нов концепт“. И „врапчето“ од покоен Митко Анастасовски знае за што се работи.
Свети Кирил ја создаде првата словенска (не бугарска) азбука – глаголицата. Свети Климент го создаде првиот словенски универзитет – Охридската книжевна школа. „Света“ Мила ни подготвува чудо невидено – сите наставни предмети ќе ги спои во еден.
Министерството за образование и наука, на чело со „пресветата“ министерка, подготвува нов, епохален, концепт на основното образование. За почеток, од наредната учебна година, ќе ги спојат историја, географија и граѓанско образование во еден предмет – општесвени науки, а, биологија, хемија и физика во природни науки.
Според изјавите на „велеучените“ од МОН и на нивната министерка, ова се правело врз основа на современи концепти и приоди, бидејќи ваквиот пристап на учениците им овозможувал полесно да ги поврзат наставните содржини, да се стекнат со знаења од сите области и да ја согледаат смислата на она што го учат, а не како до сега, да учат само факти и да не умеат да ги поврзат информациите и знаењата од различните научни дисциплини.
Ако оваа „генијалност“ „држи вода“, тогаш, по логиката на нештата, најдобро и најполезно е сите наставни предмети да ги споите во еден – природа и општество. Така, ептен полесно учениците ќе ги поврзат наставните содржини, ептен – ептен ќе се стекнат со знаења од сите области и ептен – ептен – ептен ќе ја согледаат смислата на она што го учат.
Исто така, со овој нивни „нов концепт“, „генијалците“ ќе промовирале учење преку истражување.
Аманте, бре, луѓе Божји, „експерти“ за образование, во кој свет живеете? Зарем во 2020 година, се уште не сте слушнале за Јохан Хајнрих Песталоци (1746 – 1827)? Овој швајцарски педагог, реформатар и основоположник на современото образование, ова што вие го кажувате денес, тој го кажа и го практикуваше во втората половина на осумнаесеттиот век. Оттогаш, во сите нормални држави, на учениците не им се сервираат готови знаења, туку им се овозможуваат услови и прилики сами, преку лични активности, преку истражувања, да откриваат и така да стекнуваат трајни знаења и вештини.
Не е проблемот во тоа дали наставните предмети се посебни или групирани. Проблемот е во вас. Проблемот е во „болната“ политизација на целокупното општествено живеење. Проблемот е во тоа што одамна во македонското општество не важат општоприфатените светски норми и критериуми дека стручноста и знаењето се пред се друго.
Да не се лажеме, возрасни сме, спојувањето на наставните предмети не е никаква образовна реформа или некаков „нов концепт“. И „врапчето“ од покоен Митко Анастасовски знае за што се работи.
И, ако веќе тргнавте, и, ако не слушате никого и не запрете, тогаш во групата со историја ставете го и физичко, за да научиме подобро да ја виткаме кичмата.
Ех, да беше жив Бранислав Нушиќ (1864 – 1938)!