Димитриеска Кочоска: Заев во буџетот ветува исти проекти од пред 4 години кои не успеа да ги реализира
ВМРО-ДПМНЕ го повика економскиот тим на Владата да излезе и конкретно проект по проект износ по износ да објасни каде се наоѓаат сите изнесени лаги во ставките на буџетот за 2021 година.
Со буџетот наместо за граѓаните има бенефит само за бизнисите на Зоран Заев. Нема инвестиции, а најголем дел од трошењата се неродуктивни, изјави денеска Гордана Димитриеска Кочоска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ како реакција на прес-конференцијата на премиерот.
– Заев посветил цела тема од неговата прес конференција на марихуаната и дополнителни законски решенија и поволности за одгледувачите на медицински канабис, бизнис во кој длабоко е влезено неговото семејство и каде се вртат милиони.Очигледно Заев не гледа подалеку од својот профит, и додека Заеви нижат милиони, народот брои денови за до крај на месец – рече Димитриеска Кочоска.
Денеска се изнаслушавме само нови лаги, додаде таа, а ги гледаме истите стари практики. Гломазен и нереален буџет од над 4 милијарди евра, пари кои се фрлаат низ ветар.
-Имено, доколку го замислиме буџетот како 1000 денари, владата од него дава 127 денари за плати на јавната администрација, 86 денари за набавка на стоки и разни услуги, 656 денари одат за сите трансфери кои ги спроведува владата, 38 денари се даваат за камати, а само 23 денари за капитални инвестиции.Уште поедноставено, од 1000 денари кои ги има власта преку буџетот, само 93 денари одвојува за иднината и развојот на државата, сите други пари се трошат непродуктивно и за таканаречена купи ден продај политика.А најжално од се е тоа што оваа влада ги нема тие 1000 денари, туку само 859 денари, останатите 141 денар таа ги позајмува, рече Димитриеска Кочоска.
Таа ги спореди издвојувањата за инвестиции во земјава и Косово каде што на македонските 347 милиони евра ни од далеку не се со косовските една милијарда евра.
Според неа Заев е убедливо најслаб во регионот, и нема план за развој.
Таа ги повтори сите ветувања на Заев од 2017 година кои ги ветува и сега:
1. Заев го вети Коридорот 8, уште пред да дојде на власт, 4 години немаме никаков напредок на градежните активности на истиот.
2. Заев вети гасификација, 4 години процесот тапка во место, уште не е реализирана ниту примарната гасоводна мрежа, а требаше да се пристапи кон секундарната и терцијалната.
3. Заев вети реформи во судството, а наместо реформи го зароби судството и спроведе невиден политички прогон.
4. Зоран Заев ветуваше чист воздух веднаш, 4 години подоцна додека Скопје се гуши, Заев ветува чист воздух повторно.
5. Заев вети еколошки транспорт во Скопје, 4 години ништо не направи.
6. Заев вети бесплатно здравство, а луѓе преку СМС пораки се уште собираат донации за лекување, дури и од ковид.
Димитриеска Кочоска го повика економскиот тим на Владата да излезе и конкретно проект по проект износ по износ да објасни каде се наоѓаат сите изнесени лаги во ставките на буџетот за 2021 година.