Османи: Подготвени сме за почеток на преговорите со ЕУ, секое одложување би било грешка

Во рамки на посетата на Австрија, Османи ќе се сретне и со сојузната министерка за Европска Унија и Устав на Република Австрија во рамките на кабинетот на канцеларот, Каролине Едштадлер.

346

Нема сомневање дека ние сме подготвени за почеток на преговори за членство со ЕУ и нема сомневање дека било какво одложување за почеток на прегворите е голема грешка, изјави денеска во Виена шефот на дипломатијата Бујар Османи на прес-конференција со неговиот австриски колега Александер Шаленберг.

– Свесни сме – процесот е сложен, не е едноставно да се постигне консензус и ние не се откажуваме, напротив, постојано јавно кажуваме дека сме подготвени и натаму да работиме посветено и на реформите, и на добрососедските односи, и на сите предизвици кои ќе се појават – сѐ до нашето полноправно членство во ЕУ – истакна Османи, додавајќи оти Северна Македонија и досега требаше да ги почне преговорите.






Османи се заблагодари за континуираната и безрезервна поддршка на Австрија во полза на европската перспектива на Северна Македонија, вклучително и започнување на преговорите за членство во ЕУ без никакво одложување.

– Австрија е еден од нашите најблиски поддржувачи и економски партнери, како и константен и гласен поддржувач на проширувањето на ЕУ. Австрија силно се залагаше Северна Македонија да ја одржи меѓувладината конференција до крајот на годината – рече Османи.

Шефот на дипломатијата рече дека напредокот на Балканот е од директен интерес за соседите на регионот, меѓу кои е и Австрија.

– Оваа моја посета денеска претставува заокружување на една мини-турнеја по земјите членки на ЕУ кои се непосредни соседи на Балканот и кои поради тоа претставуваат и нашите најдиректни, во најмала рака, најблиски поддржувачи во процесот на европското интегрирање. Тоа е логично затоа што стабилноста, развојот, напредокот на Балканот е од директен интерес за соседите на регионот, меѓу кои е секако и Република Австрија. Kако непосредни соседи, земјите од окружувањето имаат и најдобар увид, најголеми познавања за состојбите во регионот, што секако ја прави нивната поддршка и нивното мислење уште позначајно – истакна Османи.

На средбата министрите ги отворија и темите од билатералната соработка, реафирмирајќи го притоа фактот дека двете земји имаат поставено основи за стабилно и долгорочно пријателство, без никакви отворени прашања и со широка меѓусебна поддршка за бројни теми.

Во рамки на посетата на Австрија, Османи ќе се сретне и со сојузната министерка за Европска Унија и Устав на Република Австрија во рамките на кабинетот на канцеларот, Каролине Едштадлер.

Поврзани содржини