Култниот дрес на Марадона не е на продажба
Хоџ, по завршувањето на тој натпревар, на кој Марадона постигна два гола, првиот со рака, а вториот по фантастичен соло продор, ги размени дресот со легендарниот Аргентинец.
Поранешниот англиски репрезентативец Стив Хоџ изјави дека минатата недела одбил десетици потенцијални купувачи на дресот кој покојниот Диего Марадона го носеше на четвртфиналниот меч меѓу Аргентина и Англија (2-1) на Мундијалот во 1986, инсистирајќи, притоа, дека дресот не е на продажба.
Хоџ, по завршувањето на тој натпревар, на кој Марадона постигна два гола, првиот со рака, а вториот по фантастичен соло продор, ги размени дресот со легендарниот Аргентинец.
Иако култниот дрес денес е изложен во Англискиот национален музеј за фудбал, тој е сопственост на 58-годишниот Хоџ.
– Тој дрес го поседувам веќе 34 години, и никогаш не сум се обидел да го продадам. Има неверојатна, сентиментална вредност. Луѓето постојано ми тропаат на врата, а телефонот непрестајно ми ѕвони, и тоа воопшто не е пријатна состојба. Дури се појави и лажна вест дека барам еден или дури два милиони за да го продадам дресот. Тоа го сметам за крајно навредливо и апсолутно погрешно. Тој дрес не е на продажба – изјави Хоџ.