Ќе му се суди на скопјанецот кој ја уби својата партнерка
Обвинетиот со остар предмет и нанел на оштетената две убодни рани во пределот на вратот, а со тап предмет ја удирал по главата, нанесувајќи и повеќе тешки телесни повреди – скршеници и подливи.
Основното јавно обвинителство Скопје по спроведена истражна постапка, поднесе обвинителен акт против едно лице за кривично дело „убиство“ според член 123 став 2 точка 2 во врска со член 12 став 2 од Кривичниот законик.
Како што соопшти ЈОРМ, обвинетиот,во состојба на битно намалена пресметливост предизвикана од психичко нарушување и зависност од опијати, при вршење семејно насилство, ја лишил од живот жената со која живеел во вонбрачна заедница.
– На 03.08.2019 година, во куќа на улицата „Гарибалди“, настанала вербална расправија меѓу двајцата, при што обвинетиот со остар предмет и нанел на оштетената две убодни рани во пределот на вратот, а со тап предмет ја удирал по главата, нанесувајќи и повеќе тешки телесни повреди – скршеници и подливи. Како последица на нанесените повреди, оштетената починала – стои во соопштението.
Воедно, до Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител поднесе предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице, поради опасност од бегство и можност да влијае врз сведоците, а особено имајќи ја предвид висината на запретената санкција за кривичното дело кое му се става на товар.