Бројот на работници во индустријата за една година се намалил за 4,9 отсто
Најголемо опаѓање на бројот на вработени по сектори има во „преработувачката индустрија„ каде што намалувањето изнесува 5,3 отсто, по што следи секторот „Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“ со опаѓање од 1,6 отсто, а во секторот „Рударство и вадење на камен“ се бележи опаѓање од 0,9 проценти.
Бројот на работниците во индустријата во октомври годинава, во однос на октомври минатата година, е намален за 4,9 отсто, а во периодот јануари – октомври годинава, во споредба со истиот период лани за 4,7 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.
Најголемо опаѓање на бројот на вработени по сектори има во „преработувачката индустрија“ каде што намалувањето изнесува 5,3 отсто, по што следи секторот „Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“ со опаѓање од 1,6 отсто, а во секторот „Рударство и вадење на камен“ се бележи опаѓање од 0,9 проценти.
Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во октомври годинава, во однос на октомври лани, бележи опаѓање кај „енергија“ за 1,4 проценти, „интермедијарни производи, освен енергија“ за 6,03 отсто, „капитални производи“ за 4,1 отсто, „трајни производи за широка потрошувачка“ за 4,9 отсто и „нетрајни производи за широка потрошувачка“ за 5 отсто.