Спасовски ја победи короната и се врати на работа: Психолошкиот момент е важен, ама најголема заслуга имаат лекарите
Психилошкиот момент, добрата мисла и желбата да се изборите со болеста, како и поддршката од семејството се важни, но најголема заслуга имаа лекарите кои 24 часа се борат против болеста, истакна министерот за внатрешни работи.
По речиси едномесечна пауза поради борба со ковид-19, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска се врати на работа.
Тој утрово во интервју за ТВ 24 објасни за својата битка со болеста поради што мораше да замине и на болничко лекување на Инфективната клиника во Скопје.
– Оваа битка претставува многу добро животно искуство и со таа помисла, со позитивна мисла, со помош на лекарите, со поддршка од лекарите, од семејството, и пријатели успеав и во никој момент не помислив на ништо друго, туку само да заврши таа битка со ковид и повторно да се вратам на обврските, да им служам на граѓаните и да ги извршувам обврските – рече Спасовски.
Тој упати апел до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита , задолжително да носат маски и да држат дистанца.
–Психилошкиот момент, добрата мисла и желбата да се изборите со болеста, како и поддршката од семејството се важни, но најголема заслуга имаа лекарите кои 24 часа се борат против болеста. Јас бев на Инфективната клиника овде во Скопје, тоа е една невидена пожртвуваност, една посветеност на пациентите на секој еден човек којшто е на Инфективната клиника и мислам дека тоа заслужува една сериозна почит. Кога размислуваме околу вирусот, кога се споделуваат некакви теории на заговор за тоа дали постои вирусот или не, дали треба да се почитуваат мерките или не, апелирам до секој еден граѓанин да размисли на секој еден лекар, на медицинска сестра и на секој еден од персоналот болничари, коишто секојдневно се борат за животот на секој граѓанин, на секој еден пациенти кој е на клиниката – рече Спасовски.
Тој потенцираше дека денеска во 14 часот закажал управувачки комитет и на тој комитет ќе се разгледа акцискиот план кој го подготви главниот штаб со кој раководи директорот на ЦУК и во него ќе се наведат сите активности кои ќе бидат преземени. Армијата ќе работи заедно со полицијата.
– Врз основа на проценката што ќе се направи од главниот штаб, се прави акциски план во рок од 24 часа од прогласувањето на кризната состојба и сите активности кои треба да бидат преземени од било кој надлежен орган се става во тој план – рече Спасовски.
Денеска сум на работното место, со едно големо искуство зад себе продолжувам да работам за доброто на граѓаните.
Благодарност до лекарите за посветеноста во која се уверив на Инфективна клиника, но битката е заедничка – чувајте се, носете маска, #COVID19 заедно ќе го победиме. pic.twitter.com/qr9XtwHeFq
— Oliver Spasovski (@o_spasovski) November 23, 2020